Засега не се знае кога точно во земјава ќе пристигнат вакцините против Ковид-19 со кои треба да стартува масовната имунизација на населението. Процесот на вакцинација почна, но само на директно изложените здравствени работници во ковид центрите со пратката од 8000 вакцини на Фајзер што беа добиени преку Србија. Надлежните уверуваат дека разговорите со производителите продолжуваат и оти пратките со вакцини ќе пристигнат во најскоро време.
Северна Македонија треба да добие 200 000 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Покрај очекуваните количини преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската Спутник V, како и вакцини од Фајзер.
Министерството за здравство вчера соопшти дека го повлекло авансот што беше уплатен за набавка на вакцини од „Синофарм“, но оти договорот не е откажан. Уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.
Министерот Венко Филипче тврди дека авансот за кинеските вакцини е повлечен поради наша сигурност. Потенцира дека и покрај тоа разговорите за овие вакцини се во завршна фаза и дека тие за многу скоро ќе бидат во земјава.
-Тоа го направивме за наша сигурност, секако. Никако не значи дека нема да стигнат вакцините, но со оглед на тоа што самиот процес траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, понатаму се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји и на тоа многу често ни укажуваат. Се врати дел од средствата, но навистина преговорите сега овие денови па дури и за време на викендот ми се чини дека се во последната фаза и мислам дека целокупниот тој процес ќе се заврши и вакцините за многу скоро ќе пристигнат во нашата земја, изјави Филипче.
Во однос на вакцините од Ковакс механизмот, оттаму за март се најавени 20 до 30.000 вакцини од АстраЗенека. Интензивно се разговара и со производителот на руската вакцина Спутник V, за што неделава треба да се добијат конкретни податоци, а се чекаат и информации од претставништвото на Фајзер кога ќе пристигне драфт договорот од нивната канцеларија во Њујорк.
Филипче вели дека компаниите имаат свои барања од приемот, одговорностите во делот на вакцините и дека тоа е процес што важи за секоја земја во светот. Според него, нашиот здравствен систем е подготвен за вакцинирање на населението и засега вакцинацијата одлично се спроведува.
Околу 2.400 медицински работници се веќе вакцинирани и таа бројка оваа недела се очекува да достигне 4.000, односно да бидат вакцинирани сите здравствени работници кои работат со ковид пациенти.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека се потврдиле нивните сознанија за кинеските вакцини и дека е вратен авансот.
– Филипче вели разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја. Но, кој е најкусиот можен рок никој не знае, не знае ни самиот Филипче, забележуваат од ВМРО-ДПМНЕ.













