коментира: АРБЕН ЗЕЌИРИ
ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, пак покажа дека не може да задржи ист став ни 24 часа.
По предлогот на премиерот Зоран Заев за вклучување на опозицијата во владина коалиција, вчера партијата излезе со услов Владата да биде техничка и експертска. И покрај поставените услови, ВМРО-ДПМНЕ сепак остави отворена можност за постигнување договор. Но пред да почекаат одговор од Заев и СДСМ за нивниот услов, опозициската партија за помалку од 24 часа излезе со нов став сосема спротивен од вчерашниот. Утринава тие не сакаат заедничка влада со СДСМ и Зоран Заев во никакви услови. Коалицијата за која вчера поставија услови со можност за вклучување, денеска ја нарекуваат обид за спас на криминалци, веќе позната реторика од оваа партија. „Ако неговиот предлог е бегство од одговорност, тогаш треба да знае дека пактови со криминалци ВМРО-ДПМНЕ не прави и нема да има, ќе лежите во затвор“, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ или нивниот лидер да немаат став или да го менуваат преку ноќ. Мицкоски се памти долго по зборовите „немаме став“ и за референдумот, како и за многу други теми значајни за земјата и граѓаните.
Вчера, премиерот Зоран Заев ѝ понуди на опозицијата да ја делат извршната власт со цел да запрат антагонизмите во општеството и да се решат најважните работи за земјава и општеството. Тој рече дека заедничката влада треба да биде по моделот на Германија и Швајцарија каде партиите од левицата и десницата владеат заедно. Од ВМРО-ДПМНЕ прво условуваа Владата да биде експертска и Заев да не биде премиер, за денеска да го одбиваат предлогот целосно.
Коалицискиот партнер ДУИ не сака да ја дели власта со опозицијата. Нивниот лидер Али Ахмети изјави дека опозицијата треба да ја следи владата и да критикува, а партиите на Албанците во опозиција поставија други услови, како што е меѓународна мисија за правда, гласање на законот за државјанство и промена на поимот „20 проценти“ во Уставот со „албански јазик“. Реакции имаше и од пошироката јавност од каде најголем дел во понудата на Заев гледаат како добра можност за решавање на најголемите и најсензитивните теми и пречки за напредок на земјата.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.