Во организација на канцелариите на УНИЦЕФ, СЗО и на УСАИД, денеска во Скопје ќе се одржи онлајн настан на кој ќе биде претставена мобилната апликација „HealthBuddy+“ и ќе се одржи панел дискусија на тема „Дезинформации и КОВИД-19“.
Како што најавуваат организаторите, воведни обраќања на панел дискусијата ќе имаат министер за здравство Венко Филипче, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, претставничката на СЗО Џихан Тавила и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.
Како експерти на темата ќе говорат Симон ван Воерден, службеник за комуникација во кризни состојби при Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Серџиу Томса, регионален специјалист за однесување и социјални промени, Регионална канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии и Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми.
-Преоптоварени со информации за КОВИД-19? Не само што се соочуваме со глобална пандемија, туку и со глобална инфодемија – изобилство од информации каде има и намерни обиди за ширење дезинформации. Дезинформациите се шират побргу од вистината и се еден од најголемите предизвици во борбата против КОВИД-19. Тоа е штетно за здравјето на луѓето, ги зголемува општествените стигми и може да чини животи. Токму затоа е важно да добиете информации и совети од доверливи извори, посочуваат организаторите.
HealthBuddy+ пак е повеќејазично интерактивно решение развиено од регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија (ЕЦАРО) и регионалната канцеларија на СЗО за Европа (СЗО/Европа) и обезбедува пристап до најновите информации за КОВИД-19 засновани на докази. Дава вистинити информации за КОВИД-19 и помага во разоткривање на митовите и лажните тврдења за вирусот. Кај нас, е реализиран со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). HealthBuddy+ е достапна и во продавниците за апликации на Apple и Google Play












