Над 600 новинари и медиумски работници денеска од 8:20 до 10:30 часот ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски“. Тоа се новинари кои се пријавија на повикот и ги исполнија условите за да влезат во првата група на вакцинација. Во оваа група се лицата над 40 години или оние кои имаат хронична болест.
Според Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), сите 631 новинари и медиумски работници имаат добиено информација за точниот термин за вакцинацијата на нивните електронски адреси.


Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) им препорачуваат на одговорните лица во медиумите на денот на вакцинацијата, како и наредниот ден да ги ослободат новинарите и медиумските работници од работните обврски.
Досега во земјата се направени вкупно 669.141 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата изнесува 141.844, бројката на оздравени пациенти е 116.780, на починати 4.228, а бројот на активни случаи изнесува 20.836.
Како што соопшти Министерството за здравство, во изминатото деноноќие се регистрирани 687 нови случаи од направени 3.050 тестирања. Оздравени се вкупно 1.347 пациенти, а починале 46 лица. Од починатите пациенти, 43 се починати во болнички услови, а тројца во домашни услови.


Од ресорното министерство потенцираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
Надлежните и понатаму апелираат за побрзо надминување на пандемијата со корона вирусот граѓаните да вакцинираат и да се почитуваат мерките за заштита.












