И овој месец, ЦИВИЛ има богата и набиена агенда. Меѓу бројните активности, покрај веќе одржаните, ЦИВИЛ организира и пет дебати до крајот на месец мај.
Четири панел дискусии ќе се одржат во рамки на проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година.
Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната носи наслов „Од декларации до реалност, учество во креирањето на политиките и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата. Дел од активностите во таа компонента се однесуваат имплементацијата на стратегијата „Едно општество за сите“.
Еве го планот:
Следната дебата на ЦИВИЛ е предвидена да се одржи веќе на 18 мај (вторник), а збор ќе стане за меѓуетничките односи во општествен и политички контекст.
Понатаму, на 20 мај (четврток) ќе се одржи и панел дискусија на тема мултикултурализмот и европските вредности во медиумите.
ЦИВИЛ ќе одржи панел дискусија и на 26 мај (среда), на која учесниците ќе дебатираат на тема мултикултурното општество од Охридскиот рамковен договор до денес.
Во агендата на ЦИВИЛ во проектот „Европски перспективи“ е и вечерна онлајн панел дискусија за начинот на справување на општеството со дезинформациите и хибридните закани, каде што ќе биде опфатен и аспектот на руското влијание во медиумите и општеството.
ЦИВИЛ во март ја започна Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“, во која се вклучени повеќе фази и сегменти на промовирањето на различностите како исклучително драгоцена општествена вредност на ова наше мултикултурно поднебје. Како дел од оваа Иницијатива се планираат и панел дискусии и други јавни настани.
Така, ЦИВИЛ ќе организира панел дискусија за општествената одговорност на интелектуалците и уметниците во промовирањето на различностите и европските вредности, на 21 мај (петок), во Скопје.
Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
Сите настани ќе се одржат без публика, според протоколите за заштита од Ковид-19, а на учесниците ќе им биде овозможено да изберат меѓу физичко и онлајн присуство.
Настаните ќе се пренесуваат во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ, а потоа ќе бидат објавени низа медиумски содржини на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА, на македонски, албански и англиски јазик.
Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0. Ќе биде овозможено и присуство на ТВ екипи, со молба строго да се придржуваат кон протоколите за заштита од КОВИД-19.
ЦИВИЛ