ЦИВИЛ одржа панел дискусија за општествената одговорност на интелектуалците и уметниците во промовирањето на различностите и европските вредности, на кој учесници беа Перо Арсовски, Дуња Иванова, Агим Пошка и Кристина Арнаудова.
Настанот е дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ што се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
-Разликите кои се карактеристика на оваа наша земја, тие се тоа што ние ќе ги направиме. За жал, во сите овие години многу почесто луѓето ги дефинираа како проклетство отколку како богатство, наместо да се фокусираме на тоа што добро може да ни донесат различностите, и што може да научиме од нив, и што може да придобиеме како земја што се стреми да стане дел од Европска унија. Мислам дека на лош начин ги искористуваме различностите, посочи Кристина Арнаудова на панелот на ЦИВИЛ „Општествената одговорност на уметниците во промовирањето на европските вредности и почитувањето на различностите“.
За мене различностите, бидејќи како што некои од вас знаат, а некои не знаат, јас сум растена во мултиетничко семејство каде што дедо ми Јусуф беше Турчин, баба ми е Влаинка, мајка ми се вика Междет ја викаат Мери… Кај нас дома не се разговараше за тоа кој од каде доаѓа и каков јазик треба да се зборува и дали некој од нас е различен. Дедо ми со љубов зборуваше за Турција, баба ми со љубов зборуваше за Власите, никој со никого не се караше, за жал не научив турски бидејќи дома кај нас сите зборуваа македонски, ги славевме сите празници, јадевме и пита во Неготино традиционално во недела со свинско, баба ми правеше баклава за Бајрам, јајца фарбавме за Велигден. Значи за мене сето тоа беше многу нормално, во средината каде што живеев јас тоа беше многу уникатен случај на живеење и на соживот, бидејќи се работеше за Неготино коешто е чисто етнички македонско гратче.
Јас сум благословена што можев да живеам во едно такво семејство, и што до ден денес моите дома ме научија дека луѓето се делат само на добри и лоши луѓе, дедо ми цело време ме учеше на тоа што го научил неговиот татко, дека крвта е секогаш по квалитетна кога се меша, тука сакаше да каже дека колку повеќе се мешаат нациите, толку по квалитетни луѓе излегуваат. Инаку мојот прадедо, во тоа време, теолог, филозоф, оџа, имал три факултети, а сите негови деца биле женети, мажени со различна националност. Дедо ми беше женет за Влаинка, неговиот брат за Србинка, другиот брат за Македонка, неговата сестра за Албанец, а другата сестра во Турција за Турчин. Кај нас тоа беше многу нормално и јас сум благодарна што ме научија на тие вредности, никогаш не сум ги делела луѓето на тој начин. Се чувствував толку богато што можам една ваква приказна да раскажам како позитивен пример, и како пример за тоа како се растат здрави генерации.
Со зборување лошо за другите, дека некој треба и може да е различен само затоа што припаѓа на различна националност има различна боја на кожата, сака различни работи, јаде различна храна, со тоа само создаваме омраза. И не знам како, ние на овие родители, на сите родители, на сите семејства во Македонија, коишто нивните деца ги воспитуваат на таков начин, да им објасниме дека злото раѓа зло, и дека само доброто раѓа добро. Дека ако ги воспитуваат на тој начин нивните деца, тие деца се потенцијални мразачи на се што е различно од нив. Не знам како да се направи, но тоа мора некако да се воведе во нашиот образовен систем, во смисла, не тоа да им го наметнуваме дека мора да се сакаат, туку просто еве мојот син учи во Јахја Кемал заедно во одделението со Албанци, Турци, Англичани, и тие никогаш не зборуваат за тоа дека некој е ваков или таков, си честитаат сите секому на секого празници. А тоа делење во нашите државни школи дека Албанци треба да учат само со Албанци и Македонци само со Македонци тоа мислам дека уште повеќе го истакнува и лошо влијае на тоа како децата во иднина се развиваат. И мислам дека е многу убав концептот на училиштето Јахја Кемал, како ги води, како ги воспитува децата во таа смисла.
-Несомнено е дека различностите се огромен предизвики богатство, токму во уметноста и во културата, поради тоа што се збогатува изборот, се збогатуваат можностите на уметникот да биде поширок, да биде посеопфатен, да биде побогат. Во историјата имаме многу такви примери, во музиката, во литературата, во сликарството, познати се патувањата на Пол Гоген, којшто го напуштил семејството само за да запознае различен свет, и неговиот опус е познат по неговите дела од Тахити… Познати се големите патувања на француските писатели, Албер Ками, којшто добар дел од својот живот го поминал во Алжир, Мароко… Што значи дека потребата да се запознае различноста, нови светови, нови размислувања, нови обичаи, нови луѓе, е огромна потреба кај уметникот, вели актерот Перо Арсовски.
Позната е една цела ера во француската култура, којашто е обележана со увоз на различни култури од различни континенти, различни светови, така што, со тоа французите се гордеат бидејќи ја збогатиле својата култура и својата уметност.
Што се однесува до должноста на уметникот да биде активен во сите општествени случувања, тука немам никаква дилема, бидејќи нашата должност како јавни личности, како луѓе кон кои е вперено вниманието на јавноста, сме одговорни за се што ќе направиме, се што ќе кажеме, се што ќе советуваме, и мора да бидеме мудри, и внимателни, какви последици тоа може да предизвика не само кај младите, туку и кај возрасните. Има и негативни примери, тоа се луѓе кои се водени од некакви други, темни мотиви, коишто никако не можам да ги објаснам, и мислам дека треба да се земат како лош пример, во историјата. Но, повеќето од уметниците се залагаат за откривање на различностите, како што е нашата тема, за збогатување на културата и уметноста, и за правдата и вистинските решенија и однесувања во општеството. Познати се ставовите на еден Емил Зола, кој поминал една година во затвор заради својот став за аферата Драјфус, но не попуштил, и ден денес, треба да се зема како пример за тоа како еден уметник треба да биде одговорен пред општеството.
Сметам дека во денешно време, единствениот наш пат не е да се двоиме, и да останеме секој во својата различност безбедни, туку безбедноста да ја бараме во откривањето на различностите, во почитувањето на разликите во ова општество во кое живееме, запознавајќи ги тие разлики, ќе создадеме еден заеднички свет, кој ќе го засакаме. Сигурно дека ќе го засакаме, затоа што тие богатства коишто се тука околу нас, не смееме да ги оставиме неоткриени и незапознаени.
Вие спомнавте едно мое искуство и јас се сеќавам на едно такво време кога навистина бевме среќни со тие различности, ние ги баравме, ги откривавме, прашувавме, уживавме ако влеземе во едно, како што ме потсети Кристина, во едно различно општество, од други националности , па ќе чуеме друг јазик, па ќе видиме други обичаи, па ќе чуеме други песни, друга музика, други приказни. Така што живеевме заедно и среќни, откривајќи ги тие различности.
Се разбира дека ние повеќе стремиме кон европските вредности, отколку што тоа го прави политиката, јас се согласувам со колегата дека политиката е нешто што не се радува баш на овие различности и на улогата на уметноста во денешното општество, токму поради тоа што со самата своја природа, политиката сака да има што повеќе поврзаности кон својата политика, но уметноста и е дежурен кртизер. Како што кажа Дерала, уметноста е водачот. Уметницит се тие коишто народот ги следи и ги слуша, тоа се тие мудрости кои и покрај настојувањето на политиката сите да ги вкалапи и да ги придобие на своја страна, се по потценети, и вистинските луѓе кои оставаат печат на ерата. Така што, се согласувам со Агим дека е тоа богатство, различностите се богатство, различните мислења се пожелни, за да може да се дојде до еден заеднички живот којшто е различен и богат. Јас би ставил знак на еднаквост меѓу различноста и богатството. Не е тоа куп економски богатства, на пари…Различностите сами по себе се богатство, и го збогатуваат животот, затоа што ни сме живи суштества, парите може да дојдат и да се потрошат, но колку е богат нашиот живот, се мери според тоа колку сме доживеале, колку сме пропатувале, колку луѓ сме запознале, колку различни светови сме откриле, колку книги сме прочитале, колку сме среќни со тоа наше богатство од различности.
Треба конечно да се напушти она ниво на прифаќање и одредување флоскули, односно, истите треба да се имплементираат во општеството како едни од најважните вредности за градење на цврсти темели, особено за новите генерации, затоа што токму тие разлики во цивилизациските вредности, во културата, во начинот на домашното воспитување, се еден вид на егзотика, и на тој начин всушност треба да гледаме на сите тие разлики, затоа што тие разлики, особено во уметноста, во креирањето на музичките производи, но и во културата, се нешта кои ни помагаат да ги прошириме нашите хоризонти, да стигнеме до една егзотика која на вистински начин ќе комуницира помеѓу креаторите и публиката, и на тој начин конечно да оствариме еден заеднички јазик, кој нема да се занимава со тоа кој на која етничка група припаѓа. Ниту пак некого ќе интересира зошто одредена група луѓе се однесуваат вака или онака, односно ќе се напушти таа потреба да се вперува прстот дека одредени прашања во општеството се всушност, заради тоа што одреден поединец, со одредено девијантно однесување,припаѓа на одредена етничка заедница вели пијанистката Дуња Иванова.
Во Европа нема место за такви национал-шовинистички призвуци, и конечно, излегувањето од тие ровови, од тој примитивизам, ќе ни дозволи нам, и на нашите деца, да изградиме цврсти вредности во кои тие ќе уживаат, како фундамент на општеството. Сметам дека токму музиката, уметноста воопшто, и спортот, се најмоќното оружје за креирање на јавното мислење. Секако дека политичките лидери за жал, се уште ја имаат најголемата улога во овој сегмент, но сметам дека време е да се напушти сето тоа и дека конечно, уметноста ќе биде онаа која ќе им помогне на сите луѓе да се грижат за суштината, наместо за формата. Особено преку музиката како еден од највлијателните медуми, особено што во последно време и помеѓу помладите композитори, но и претставницитена средната генерација, веќе се осмелуваат да зборуваат преку музиката затоа што конечно, сфатија дека копањето во старите проблеми и одново актуелизирање на некакви примитивни вредности, не носи кон никаков прогрес.
Мислам дека треба сите да прифатиме дека различностите се егзотика и дека нема место за зборување, и како што рече г. Агим Пошка, навистина е смешно што ние се уште дебатираме и се разубедуваме на оваа тема.
Моќта кај уметниците и воопшто кај оние кои создаваат уметност, е да ги користат производите на културата како еден медиум. Да се обраќаа, да убедуваат, да корегираат девијантни појави во општеството, и да привлечат кон себе што повеќе публика која ќе им верува. Затоа што единствено на тој начин, затоа пто музиката какоуметност која комуницира најблиску и најдиректно со човекот, и не само преку сетилата, не само преку емоциите, затоа што пренесува силна содржина… Верувам дека е најмирољубивиот начин за разрешување на некои тешки општествени прашања.
Јас како музички изведувач, секогаш, и во минатото, и сега, сум музицираласо најразлични состав, дали тоа биле камерни или други оркестри, па дури и кога соработувам со одредени композитори, секогаш сакам да научам нешто поинакво, нешто ново, нешто различно од тоа што јас го перципирам. Меѓутоа, јас не можам да ги сведам тие разлики единствено на тоа дека некој припаѓа на некоја одредена етничка заедница, или се моли на овој или оној Бог, затоа што кога ние создаваме музика, за нас не постојат граници, за нас во тој момент е важна музичката форма , музичката содржина, и сите разлки кога ги споделуваме меѓу себе, всушност ни помагаат подобро да го разбереме делото, и истото да го споделиме со јавноста.
Мислам дека единствениот модус е да покажеме свој личен пример во секојдневниот живот, не само промоција на убаво срочени мисли и пораки, туку нешто што практично ќе го покажеме. Уметноста е најмоќниот медиум, и ако успееме еден човек да промениме во своите примитивни мислења и разлики кои се уште за жал постојат, мислам дека сме на правиот пат.
-Можеби јас не доаѓам од таков бекграунд како Кристина што самата го искусила тој мултикултурализам во секојдневието, на нивната трпеза, но моите околности се следни, живеам во Струга, која што е мултикултурна средина, сум учел албански во основно, па потоа во средно македонски, па студиите во Англија на англиски јазик, и самото искуство ти дава можност да го разбереш светот многу поразлично од тоа што некои жешки глави сакаат тоа да го третираат во нашиот локален контекст. Без дискусија дека ова е едно големо богатство за сите нас, се додека не успееме да го канализираме и да го разбереме искрено, тоа што и во теорија нуди мултикултурализмот. Јас гледам на универзитетот каде што предавам, дел од предметите е мултикултурализмот, и примери за вакви вредности има низ цела историја. Фактот дека се уште се трудиме со проекти да ги потенцираме тие вредности, покажува дека можеби че треба уште повеќе да сме поискрени едни кон други, и ова да се надмине, вели уметникот Агим Пошка.
Во видео пораката кажав дека повеќето градови, посебно мојот град, и имаме една река и сите живееме покрај таа река, повеќето, и за жал, ние сограѓаните живееме едни покрај други, а не живееме едни со други. Би сакал да разбереме дека не можеме да го делиме целово ова поднебје по етничка основа, и ова би била една добра појдовна точка, и мислам дека со вакви иницијативи сите тие вредности се надградуваа, и се подига свеста која што е многу потребна, посебно сега, во овој период кога поминуваме низ една голема, светска пандемија, кадешто големите несреќи не прашуваат за етнички групи, за религиозни итн.,туку имаме заеднички предизвик. Нека ни биде ова уште една порака за искрено да ја сфатиме оваа голема вредност и предност за сите нас што живееме во овој регион.
Моето искуство, како еден од начините да го разберам овој свет, и да не ги гледаме различностите како некој предизвик, тоа што јас го правам, за коешто сум квалификуван во мојата работа на универзитетот, е да се работи со младата генерација. Веќе со години предавам и во докторската и магистерската програма предмет од мултикултурата, и се надеваш дека ќе имаш еден директен резултат од тие верувања со кои сум пораснал. Дел од овие резултати не можеме да ги добиеме од повозрасната генерација, немам некакви предрасуди дека сите се такви, но верувам дека еден од најдобрите начини овој феномен да стане нормалност, е со помладата генерација. Јас верувам во тоа, и еден едносавен родителски пристап за мене е носење на мојата ќерка во клубови кои се мултикултурни, кои за цел го имаат спортот, на часови по пијано коишто се исто така мултикултурни , без разлика кој е професорот или кој е изведувачот, или композиторот, или училиштето. Мора со вакви општи и конкретни примери да покажеме дека веруваме во тие заеднички вредности, и времето ќе покаже колку ќе има успех и колку ние како уметници сме имале некој позитивен пример над сето ова.
По дискусиите што ги имаме со екипата на ЦИВИЛ ние се трудиме да направиме една позитивна порака, но како и во мноштвото минати примери, политиката ни ја расипува оваа слика, и се надевам дека тие ќе научат многу повеќе од музиката, од уметноста, која е еден универзален јазик преку која работите се гледаат порелаксирано но и пореално за раслика од тие нивни толкувања на реалноста.
Во ова време на глобализам, притисокот постои и во самата етничка група. Нема веќе етнички групи кои се хетерогени, во кои нема различности, нема културни разлики итн. Начинот, или пристапот што ние како општество треба да го развиеме, е дека различното не е хендикеп, и да не одиме кон тоа дека се треба да е хетерогено. Хомогеноста веќе не постои во глобалниот свет, и како дел од тоа разбирање, би требало да има и резултати. Колку сме ние љубопитни како музичари, да научиме нешто ново, еден инструмент, или една хармонска линија, и цело време се импресионираме од таа различност, и ако ова може да се рефлектира, како огледало,и на пристапот кон луѓето, како тие се гледаат меѓу себе, а таа љубопитност да е позитивна, како што ние гледаме на нашите инстументи, таа љубопитност ќе има позитивни резултати. Ако љубопитноста се состои од – „чекај да најдам нешто што ќе креира нови проблеми, тогаш тоа веќе не е љубопитност, туку има други, тешки сценарија. Со еден збор, љубопотност со цел да научиш нешто ново, и како што е хармонски организирана музиката, така да живееме и ние.
На крајот на настанот на тема „Општествената одговорност на уметниците во промовирањето на европските вредности и почитувањето на различностите“., што го организираше ЦИВИЛ како дел од проектот „Направи разлика: Почитувај ги различностите“, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург, Џабир Дерала, ЦИВИЛ, го заокружи јавниот настан со порака до јавноста и институциите.
-Тоа што мислам дека од позиција на претставник на организацијата ЦИВИЛ, која постои дваесет и две години, мислам дека е многу важно да се разбере дека овие пораки, оваа тежина, во позитивна смисла и креативна смисла на зборот која ја носат македонските уметници, креатори на јавното мислење, академски граѓани итн., тие пораки што ги носат овие луѓе, кои се универзални, кои се општочовечки пораки, мора да допрат не само до праговите на институциите, туку треба да влезат внатре во институциите, да станат дел од политиките, од практиките на овие институции, кои понатаму ќе обезбедат простор и ќе им дадат правец на младите генерации. Знаеме дека во овој период, многу сериозни закани постојат во демократските процеси, во демократските институции. Уметниците се тие кои секојдневно се наоѓаат на екраните, секојдневно ги читаме на социјалните мрежи, секојдневно ги гледаме нивните креации, продуктите од нивното творештво, од нивните мисли…И се разбира, личниот пример е многу важен.
Да се вратам на мојата главна порака во овој дел, благодарам што ме поканивте да бидам дел од самото финале. Овие пораки на нашите уметници, мораат да го поминат прагот на институциите, и да станат суштински дел од политиките и практиките кои се водат на највисоко ниво, на национално, и на локално ниво.
Екипа ЦИВИЛ