По четири години од неговото формирање, денеска треба да почне со работа Јавното обвинителство на ЕУ, кое ќе го раководи Лаура Ковеси, која стана позната во светот по нејзиното раководење со романската Антикорупциска Комисија, кога успешно го издржа притисокот на романските власти, кои и покренуваа тужби против неа.
Јавното обвинителство на ЕУ, со седиште во Луксембург, има за главна задача борба против корупцијата во земјите-членки на ЕУ, што ќе биде посебно обемна задача со оглед и на дополнителните милијарди евра што ќе се даваат во рамките на фондовите на ЕУ за решавање на проблемите предизвикани од пандемијата.
Обвинителството на Ковеси најмногу ќе истражува финансиски измами на штета на интересите на ЕУ, вклучително и оние поврзани со ДДВ, ќе гони и активна и пасивна корупција, како и секакви други кривични дејствија што нанесуваат штета на буџетот на ЕУ. Ќе соработува со ОЛАФ, службата за откривање измами. Инаку, ОЛАФ, како антикорупциска институција не се прослави многу при расчистување на случаите на злоупотреба на парите на ЕУ, а исто така недостигаа и обвинители што би ги довеле случаите до правна разврска.
Обвинителството на Ковеси ќе вклучува и национални обвинители, што секоја земја-членка на ЕУ треба да ги именува. Но тука има проблеми – Малта одолговлекува со именувањето обвинители, а во тоа се приклучи и Словенија – премиерот Јанез Јанша го спречува именувањето на словенечкиот кандидат.
Најмногу одбиени предлози за обвинители досега има Бугарија – 6 од 10 предложени, пишува бугарски „Дневник“. Сега во новото обвинителство на ЕУ има тројца бугарски обвинители од потребните четиримина.
Најмногу делегирани обвинители имаат Италија (15) и Германија (11), и сите се прифатени од Ковеси и се назначени на функциите. Освен Бугарија, по четиримина обвинители што ќе гонат дела против интересите на ЕУ имаат и Франција, Летонија и Португалија. Грција ќе има петмина обвинители, а Романија шестмина – всушност, сите обвинители што беа предложени од Букурешт, Ковеси ги назначи.