ВЕСТ НА ДЕНОТ: Рашковски понудил 500.000 евра да се брани од слобода
Вишото јавно обвинителство Скопје предлага да се прифати понудената гаранција во висина од околу 500 илјади евра на Драги Рашковски за да излезе од притвор, јавува МИА. Надлежен за одлучување по жалбата на Рашковски е Апелацискиот суд во Скопје, кој треба да донесе конечна одлука за тоа дали Рашковски ќе излезе од притвор или не.
-Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелацискиот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215.00 денари и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција, информираат од ЈОРСМ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Блинкен за Си-Ен-Ен: Русија да запре со сајбер нападите од своја територија
„Мислам дека должност на секоја земја е да стори се што е во нејзина моќ за откривање на таквите криминални групи и нивно изведување пред лицето на правдата, вклучувајќи го и случајот со кибер нападот врз гасоводот „Колонијал“. Групата одговорна за овој напад и нејзините водачи дејствуваа од Русија и тие се во Русија, па мислам дека е одговорност на Русија да осигури дека тоа нема да продолжи. Но, ние имаме потреба од земји ширум светот кои ќе преземат обврски и потоа ќе ги исполнат тие обврски – не да ги засолнуваат криминалните заедници вклучени во вакви хакерски напади, туку напротив: да ги бараат, да ги запрат и да ги изведат пред лицето на правдата“, изјави американскиот државен секретар, Ентони Блинкен во интервјуто за Си-Ен-Ен, пренесено на интернет страницата на Стејт департментот.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МОН Отворена е нова информативна интернет страница на која може да се обезбедат исклучиво податоци поврзани со реформите кои се креираат и имплементираат во основното образование, согласно планот за промени и унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, соопшти денеска Министерството за образование и наука. Интернет страницата www.osnovnoobrazovanie.mon.gov.mk се уште не е достапна.
Ковид мерки Музичарите и музичките работници преку Здружението за унапредување на правата на музичарите (ЗУПМ) „Музика сега“ побараа од Владата укинување на точките од протоколите со кои во угостителските објекти за исхрана и кафетерии е забрането организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи, музички групи, диџеи) и се ограничува максималното ниво на бучава во објектите на 55 децибели, соопшти Незнависната угостителска комора (НУК).
Нон пејперот на Јанша По формално новинарско барање преку воспоставените правила за достап до информации за увид во содржината на словенечкиот нонпејпер кој ја разбрани балканската јавност пред еден месец, службите на Советот на ЕУ одбија, но потврдија дека документот постои.
Имунизација Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 438.879 граѓани.
Како што соопшти Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 243.832 граѓани.
ЦИВИЛ
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Исмаил Камбери, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за надлежностите на новото тело на Комисијата, со кои проблеми и предизвици се соочуваат, каде и во кое поле има најмногу дискриминација, како граѓан(к)ите да пријават дискриминација…
МУЛТИКУЛТУРА
Различноста нè прави посилни, а единството секогаш носи победа – фудбалот против дискриминацијата!
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација започнуваат со реализација на проектот Промоција на еднаквоста во Македонија преку кампањата „Фудбалот против дискриминацијата“.
„Секој од нас е различен, поинаков, посебен, но, различноста не е пречка да ги облечеме истите бои и да најдеме заеднички јазик. Затоа што различноста нè прави посилни, а единството секогаш носи победа“, гласи видео пораката направена на повеќе јазици кои се говорат во нашата земја, а може да се забележи и знаковниот јазик.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Јелица Миниќ, претседателка на Европското движење во Србија, во ексклузивен разговор за ЦИВИЛ МЕДИА, вели дека оживувањето на старите сеништа за прекројување на постјугословенските простори и враќање на „европски монархии“ е најавено на големи ѕвона. Меѓутоа, постои еден документ кој според нејзино мислење е многу поопасен и посериозен“ – пишува Александар Николиќ Писарев во вториот дел од анализата Сеништа на минатото.
„На изминатите избори во преден план беше црната кампања, говорот на омраза, лажните вести и дезинформациите. Според развојот на настаните, и на овие избори не се очекува да биде нешто поразлично, напротив, кампањите (веројатно) ќе се водат со исто, па дури и засилено темпо. Одредени „левичарски“ и „десничарски“ структури/здруженија/политичари/симпатизери… постојано се обидуваат преку лаги и дезинформации да дискредитираат граѓански организации, активисти, интелектуалци… кои не им се по ќеф, односно кои ги демаскираат и им ги разобличуваат нивните црни пропаганди.“, пишува Дехран Муратов во колумната Помина ерата на „раздели, па владеј“.
Што ќе ни соопшти ДУИ на 5 јуни? – е прашањето кое ќе го одговори Џабир Дерала во коментарот кој ќе биде објавен во 19:30 часот.
Дијана Тахири










