пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
(продолжение; линк до ДЕЛ 1)
Не смееме да ги потценуваме намерите на актерите кои, под закрила на пораката дека распадот на Југославија не е завршен, се обидуваат во Европа и регионот на Западен Балкан да произведат конфликт од понизок интензитет, а можеби и од посилен, за во такви околности да создадат услови за промена на границите, но и ги остварат своите апетити за територијални проширувања на сметка на другите и возобновување на некогашните кралства и монархии.
На оваа тема специјално за ЦИВИЛ МЕДИА говорат: д-р. Владан Јовановиќ, историчар од Институт за понова историја на Србија во Белград , Нерзук Ќурак, професор на Факултет за политички науки во Сараево, Јелица Миниќ, претседателка на Европското движење во Србија, Тања Топиќ, политичка аналитичарка од Бања Лука, Исмет Круезију, политички аналитичар и шеф на канцеларијата Траспаренси интернешенел за Косово. Пренесуваме и мислења и ставови на референтни европски и домашни политичари, политички аналитичари и дипломати.
ПРЕКРОЈУВАЊЕ НА ПОСТЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСТОРИ
Јелица Миниќ, претседателка на Европското движење во Србија, во ексклузивен разговор за ЦИВИЛ МЕДИА, вели дека оживувањето на старите сеништа за прекројување на постјугословенските простори и враќање на „европски монархии“ е најавено на големи ѕвона. Меѓутоа, постои еден документ кој според нејзино мислење е многу поопасен и посериозен.
Миниќ упатува на едно предавање на Тимоти Лес, водечки истражувач во Центарот за геополитика на универзитетот во Кембриџ, а кој претходно извршуваше важни дипломатски должности во нашиот регион. Во октомври 2019 година, Лес на Кембриџ одржа предавање кое е, всушност, опширна елаборација на идејата која сега се појавува во регионот и Европа во форма на Јаншиниот „нон пејпер“.
„Тој документ треба многу повеќе да нè загрижи бидејќи укажува дека оживувањето на старите сеништа за прекројување на границите на Балканот не е игра и импровизација или пробен балон, туку многу сериозен концепт во кој учествуваат многу важни надворешни актери“ – коментира Миниќ.
КОГА МИЛОШЕВИЌ И ТУЃМАН ПРЕКРОЈУВАА ГРАНИЦИ НА САЛВЕТИ
Сите ликови кои се појавија во контекст на прекројувањето на границите на Балканот претставуваат десница, констатира Миниќ, според која оваа тенденција е анахрона, особено со оглед на фактот дека по завршетокот на војната на овие простори, на регионот му е понудено да се интегрира преку разни економски, социјални, инфраструктурни, културни и туристички програми.
„Тоа е посебно форсирано со Берлинскиот процес и до сега е доста одработено. На пример, од први јули повеќе нема роаминг за телефонски разговори во регионот. Постојат предлози за заеднички пазар, енергетска и дигитална трансформација, зелена агенда… Во регионот е воспоставена соработка и таа е развиена, меѓутоа, тоа не е доволно силно за да не може тектонски да се поремети со секој напад чија цел е рекомпозиција на регионот. А да не зборуваме колку таквите идеи и напади влијаат негативно на процесот на помирување во регионот кој е инаку сè уште доста спор“ – анализира Миниќ.
Според неа, зад овие размислувања како треба да се градат државите на Западен Балкан стои безобзирна комбинаторика која воопшто не води сметка за граѓаните, туку за уназадување во сите сфери на животот кое го донесе таквиот распад на Југославија на сите граѓани, освен ако ги изземеме Хрватска и Словенија.
„Тоа во многу нешта нè потсетува на деведесеттите години и на поделбите, посебно на Босна, кога на салветите и јеловниците во кафеаните ги цртале Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман. Затоа, оживување на тие сеништа и некои уште постари сеништа асоцира на нови војни“, предупредува Миниќ во разговорот за ЦИВИЛ МЕДИА.
ВОЛК ВО ЈАГНЕШКО КРЗНО
Во Република Српска, која е сè уште во состав на БиХ, на голема уста се зборува за мирно раздружување од Федерацијата. Претседателот на Република Српска Милорад Додик порачува дека за раздружување повеќе не се зборува само во Република Српска, туку дека тоа сè повеќе е тема и во европските структури.
Проф. Нерзук Ќурак, професор на Факултет за политички науки во Сараево во разговор за ЦИВИЛ МЕДИА, ги осудува овие тенденции.
„Скандалозно е да се зборува за распад на една меѓународно призната држава. Меѓутоа, колку да изгледа парадоксално, Додик за тоа има силна поддршка во Србија. Ако прецизно се анализира политичката реторика на претседателот на Србија, Вучиќ, тој никогаш не го потенцира суверенитетот на Босна и Херцеговина, туку постојано зборува за територијалниот интегритет, силно потенцирајќи ја идејата за двојниот суверенитет поделен помеѓу сите ентитети на Босна. Во исто време, и Додик и Човиќ кои се одамна во сојузништво, се обидуваат да го искористат глобалното засилување на нео-десницата во Европа и приказната за мононационални држави, да ја лансираат како прифатлива за регионот, со поддршка од Вишеградската група држави од каде потекнува оваа приказна. Сето тоа е многу опасно и ја поттикнува ксенофобијата во регионот“ – вели проф. Ќурак.
СРПСКИ РАКЕТИ ОД ПАСУЉАНСКИ ЛИВАДИ
Србија се однесува сѐ повеќе милитантно во регионот. Минатиот месец, на полигоните „Орешац“ и „Пасулјанске ливаде“, војската и жандармеријата на Србија одржаа завршни големи воени маневри со боево гаѓање под назив „Одговор 2021“ на кои беа демонстрирани бојната моќ на најновите српски оружја – ловечки бомбардери, ракетни системи и друга најсовремена воена технологија од светската и домашната воена индустрија.
„Потребно е, а тоа и ќе се случи, уште да се вложува во војската на Србија. Нашата војска и полиција морат да бидат уште посилни и со понатамошната модернизација и опрема можеме да ја засилиме војската и полицијата да го одбијат секој агресор. Импресиониран сум како дејствува системот „панцир“ кој може да испука 5.000 проектили во минута“ – изјави претседателот на Србија и врховен командант Александар Вучиќ по повод воената вежба.
На вежбата присуствувал и претседателот на република Српска Милорад Додик кој изјави дека многумина зборуваат за промена на граници на БИХ и нагласи дека ни тој не е за промена на границите на Босна.
„Границата помеѓу република Српска и другиот ентитет – федерација БИХ е воспоставена со Дејтонскиот договор и таа е дефинитивна, меѓународно призната и не може да се менува. Тоа подразбира дека Република Српска нема да дозволи нејзините граници да се менуваат. Во Босна се разговарало и се разговара за можноста мирно да се разделиме, што е единствената опција и тоа ќе биде сигурно остварено во некој нареден период, за нас единствената варијанта е мирно да се разделиме“, изјави Додик.
Александар Вучиќ изјави дека Србија го подржува интегритетот и на Босна и на интегритетот на Република Српска, но дека секогаш е спремна и да разговара на сите теми, без да ги напаѓа луѓето кои имаат различни мислења. Ние сме спремни да чуеме што за ваква идеја мислат и припадниците на хрватскиот народ, Бошњаците и посебно што за ваквата идеја мисли Република Српска“, изјави Вучиќ.
НАТО – БРАНИТЕЛ НА ЕВРОПА 21
Истовремено, во тек се и најголемите и најсеопфатните воени маневри на американската војска и нејзините сојузници во Европа од крајот на Студената војна „Бранител на Европа 21“. Наместо првичниот план вежбата да се фокусира на балтичките држави и Полска, нејзините активности се насочени на Западен Балкан поради што Србија и Русија протестираа.
Оваа вежба ја покажува спремноста на САД и Алијансата да бидат стратешка потпора на сојузниците во Западен Балкан.
Вежбата е во тек, а главните маневри се очекуваат во јуни. Во вежбата учествуват скоро 30.000 војници од 26 држави вклучително и државите настанати по распадот на СФРЈ, Словенија, Хрватска, Северна Македонија како членки на НАТО и Босна и Херцеговина и Косово како партнерски држави, сите освен Србија, што јасно покажува дека НАТО партнерите на некој начин ја опколуваат Србија.
(продолжува)
Прочитајте го и првиот дел од оваа анализа.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.