Од изјави денеска издвојуваме: Претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчиќ за евроинтеграцијата на Северна Македонија, Бујар Османи, министер за надворешни работи и Радмила Шекеринска, министерката за одбрана.
„Одредени билатерални прашања не треба да бидат пречка на патот кон целосно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ“, рече денеска претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчиќ на средбата со неговиот македонски колега Талат Џафери во Брисел.
„Последните Совети на ЕУ покажаа дека разговорите околу начинот на кој треба да се обезбедат делотворни процеси на пристапување за сите наши земји не се завршени, туку, напротив, можеби само што започнале. Република Северна Македонија искрено се надева дека за време на словенечкото претседателство со ЕУ ќе имаме поподготвен терен за донесување важни одлуки во врска со европската перспектива на земјата и на целиот регион“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во Познањ, Полска, по завршувањето на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група (В4) и земјите од Западен Балкан (ЗБ6), во својство на претседавач со Фондот за Западен Балкан.
Задоволство ми е денеска што сме овде заедно за да покажеме на кој начин напредува нашата билатерална соработка со стратешкиот партнер и сојузник – САД, но како напредува и модернизацијата и опремувањето на нашата армија“, рече министерката Радмила Шекеринска на денешното примопредавање на мобилната станица за деконтаминација, донација од САД. Кога Армијата е посилна, и државата е посилна, додаде Шекеринска.