Нападите и црната пропаганда против граѓанското општество во нашата земја имаат долга историја. Невозможно е да се набројат сите примери и начините на кои организациите на граѓанското општество, експертите, активистите за човекови права, интелектуалците, уметниците и новинарите беа и останаа една од главните мети на црната пропаганда. Најдиректна форма на пресметка со прогресивниот дел од општеството и граѓанските организации, придружена со црна пропаганда креирана, поттикната и спонзорирана од самата држава, се спроведуваше во времето на режимот на Груевски.
Финансиската полиција, режимските медиуми, судовите, полицијата, политичките партии, трол фабриките, хулиганските групи, па дури и Државната комисија за заштита од дискриминација, своевремено беа најистурените играчи во државната кампања против граѓанското општество.
Македонското општество се ослободи од режимот, но дел од режимските инсталации останаа. Највидлива е токму црната кампања која со различен интензитет се спроведува против граѓанското општество и тоа токму во периоди кога се одвиваат клучни настани и процеси во земјата.
Зошто е тоа така?
На овие прашања денеска ќе дебатирааат Павле Богоевски, Прогрес институт, Иван Блажевиќ, Солидарна, Хрватска, Марина Шкрабало, Солидарна, Хрватска, Кочо Андоновски, ЛГБТИ Центар, Милан Спировски, ЗНМ, Горан Ризаов, Метаморфозис, на дебатата на ЦИВИЛ „Црната пропаганда против граѓанското општество“.
Настанот го модерира претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.