ВЕСТ НА ДЕНОТ: „Проветрени“ се уште тројца судии, од кои и Стојанче Рибарев, претседател на Врховниот суд
Судскиот совет денеска разреши тројца судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Разрешен е судијата Горан Бошевски, кој намерно застарувал судски предмети. Исто така, разрешен е и Стојанче Рибарев, судија на Врховен суд.
Разрешени се и Зоранчо Мицевски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Штип и Сузана Здравева, судијка во Апелацискиот суд, исто така, во Штип.
За Здравева е познато дека не се изземала за случај во Клиничкиот центар во Штип, бидејќи адвокатската канцеларија каде што работи нејзиниот син, застапувала една од странките во процесот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Филипче: Граѓаните мора да сфатат дека вакцинацијата е единствениот спас од Ковид-19
„Ние не можеме да воведеме и никаде во светот оваа вакцинација не е задолжителна, затоа мораме да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во кино, на културни настани, само со таков сертификат и тоа е нешто што можно е да го препорачаме од есенските месеци, сега во месец јули и во август, кога има многу патувања и фреквенција на луѓето да ставиме акцент на сите овие активности кои ги правиме за да го зголемиме опфатот.
Гледајќи дека нема повеќе интерес преку системот за закажување, затоа ги отворивме пунктовите да се вакцинираат сите кои ќе покажат интерес. Нашата проценка е дека до крајот на месец јули околу 500 000 илјади луѓе ќе бидат вакцинирани со една доза и приближно толку ревакцинирани.“, изјави министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
ЕДИТОРИЈАЛ Правда ќе има, проветрувањето во судството со жестоко темпо
Повиците за правда и ветувањата дека таа ќе пристигне станаа реалност. И најновите разрешувања на судии говорат за тоа дека барањата, очекувањата и надежите не биле попусти. Конечно, јасно се гледа излез од децениските правосудни лавиринти, каде што беше тешко да се разликуваат и одвојат чесните од нечесните судии или стручните од нестручните.
Големото ветување на Владата, дека правда во нашата земја ќе има, дека ќе се спроведе проверка на работата во судството, веќе наголемо се остварува. Резултатите се видливи. За релативно краток период, до овој момент, разрешени се дури шеснаесет судии. Според најавите, процесот само ќе продолжи и тоа со засилено темпо.
За помалку упатените, важно е да се знае дека од пресудно значење беше да се создаде функционална Методологија според која Судскиот Совет може да прави проверки во судството и да поведе постапки за разрешување на оние судии за кои е утврдено дека направиле пропусти во работата или пак намерно застарувале предмети. По многу години чекање, конечно таа Методологија постои и се спроведува.
Кои се најновите вести од „проветрувањето“ во судството?
Подетално, на следниот линк: https://civilmedia.mk/provetreni-se-ushte-trojtsa-sudii-od-koi-i-stojanche-ribarev-pretsedatel-na-vrhovniot-sud/
ФЛЕШ ВЕСТИ
Апликација „Кико“- Слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава првпат добија апликација со која ќе им се овозможи пишаниот текст да го чујат во гласовна форма. Апликацијата „Кико“ ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и декстоп-верзија, сега на македонски јазик, а за неколку месеци и на албански јазик. Покрај слепите и лицата со оштетен вид, апликацијата ќе можат да ја користат и лица со тешкотии во учењето, односно оние кои информациите најлесно ги разбираат кога се во говорна форма.
Говор на омраза ССНМ, ЗНМ, СЕММ и МИМ бараат итна реакција на МВР и на Јавното обвинителство по континуираните отворени повици за линч на новинарите и на другите вработени во Фондацијата Метаморфозис, што организирано ги шират групи и поединци на социјалните медиуми, а со тоа се нарушува и безбедноста на нашите колеги, се вели во заедничкото соопштение.
30 години независност Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 се симболите обединети на традиционалната црвена основа со кои се потенцира нашата државност на дизајнот на логото што ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ денеска одржува инфо –штандови во Куманово и Кратово посветени на промоција на европските вредности, недискриминацијата и мултикултурализмот. Инфо штандовите се дел од проектот „Европски перспективи (следно ниво)“, кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

СЛОБОДНА ЗОНА
„Куба се разбуди. Илјадници демонстранти излегоа на улиците на 11 јули и побараа демократија, социјална правда и почитување на човековите права и слободи. Во моментот кога го пишувам овој текст (полноќ, 13 јули), Амнести Интернешнл изброи 170 луѓе кои полицијата ги уапсила. На некои од нив целосно им се губи трагата. Повеќето од уапсените и исчезнатите се млади луѓе. Исчезнати се и познати уметници и интелектуалци. Не, не излегоа на контрапротести за да ја бранат диктатурата.“, пишува Џабир Дерала во колумната Libertad!
„Демократијата, ќе признаете и вие, убава е и според нејзиниот збор, иако и многу други во текот на целата историја ја прогласуваа за смрт, многу луѓе ја укинуваа, но тоа што е убаво во демократијата, тоа е дека секогаш нешто ново се раѓа, и кога за нешто ќе помислиме дека повеќе нема изглед дека нешто ќе се промени во демократијата, тогаш ќе почне да се шепка со сентимент на некои спомени на слободата; и полека, глас по глас, се претвора во огромен глас“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната Национализам, игра на „еден човек“ задолжен за сите луѓе.
Д. Тахири












