Судскиот совет денеска разреши тројца судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Разрешен е судијата Горан Бошевски, кој намерно застарувал судски предмети. Исто така, разрешен е и Стојанче Рибарев, судија на Врховен суд.
Во медиумите веќе имаше голем број објави дека, во својство на вршител на должноста, претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, заминал на боледување токму во моментот кога Кривичниот совет од одделот за организиран криминал требало што поскоро да го комплетира и да го спакува предметот за „Тврдина“ и „Таргет“ за масовното незаконско прислушување, за кои се обвинети Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Тој го отворил боледувањето веднаш откако бил сослушан во СЈО за АКМИС системот. Неговата канцеларија била претресена во октомври 2017 година и биле прибрани компјутер и други доказни материјали. Во исто време, се извршил претрес и на канцеларијата и домот на експретседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. Тој е веќе осуден на затворска казна од три години и шест месеци за злоупотреби на АКМИС системот.
Разрешени се и Зоранчо Мицевски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Штип и Сузана Здравева, судијка во Апелацискиот суд, исто така, во Штип.
За Здравева е познато дека не се изземала за случај во Клиничкиот центар во Штип, бидејќи адвокатската канцеларија каде што работи нејзиниот син, застапувала една од странките во процесот.
Во врска со најновите разрешувања и за реформите во судството пишува Џабир Дерала во својот Едиторијал „Правда ќе има, проветрувањето во судството со жестоко темпо“.
„Повиците за правда и ветувањата дека таа ќе пристигне станаа реалност. И најновите разрешувања на судии говорат за тоа дека барањата, очекувањата и надежите не биле попусти. Конечно, јасно се гледа излез од децениските правосудни лавиринти, каде што беше тешко да се разликуваат и одвојат чесните од нечесните судии или стручните од нестручните.“
Најавено е понатамошно „проветрување“ во судството со уште позасилено темпо.
ЦМ деск