Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ му ја врати интерпелацијата на спикерот на Собранието, Талат Џафери, без корекции и без употреба на целосното уставно име, односно повторно без додавката „Северна“. Според нив, Џафери неосновано и спротивно на Деловникот ја прогласил интерпелацијата за неуредна повикувајќи се на член, кој според ВМРО, се однесува на предлагање на закони, а не на интерпелации.
Џафери ја врати повикувајќи се на членот 136 од Деловникот, односно некористењето на уставното име, а координаторот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, Никола Мицевски, вели дека тоа е неосновано.
Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија запрашан за интерпелацијата поднесена за Талат Џафери појасни дека претседателот на Собранието ја злоупотребува функцијата.
„Господинот Талат Џафери во повеќе наврати го повреди и Уставот и Законите, но и процедурите во самото Собрание, и поради тоа е поднесена таа интерпелација. Ако ги погледнете информациите денеска тој ја врати интерпелацијата поради наводно непочитување на членот 136 од Деловникот, односно дека не се содржани сите елементи. Но, членот 136 од Деловникот е поврзан и со членот 135 со кои се предвидени кои составни делови треба да ги има законот како поднесок во Собранието. А интерпелацијата не е закон и не претставува поднесок од таков вид, така што имаме уште едно неделовничко одбивање и злоупотреба на неговата положба, истакна Лефков.
ВМРО -ДПМНЕ, поддржана од Левица, поднесе интерпелација против Џафери бидејќи противуставно се обрати на албански јазик во Европскиот парламент, и покрај тоа што службен јазик за меѓународна употреба е македонскиот.











