Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, рече дека стратегијата е насочена кон спроведување на меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приходи и приноси, имот и имотна корист, во земјата или во странство, а кои ќе се спроведуваат паралалено со криминалистичката истрага.
– Целосно сме посветени на градење систем кој испраќа порака дека криминалот е неисплатлив и тоа со негово сузбивање преку ефективна идентификација, финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот или имотна корист, нагласи Спасовски на промоција на „Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје
Финансиските истраги во МВР, посочи тој, се водат од Единицата за финансиски истраги формирана 2020 година и полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, а веќе се водат финансиски истраги против 67 физички лица и 16 правни лица.
– Додека криминалистичката истрага има за цел прибавување докази за утврдување на вината на лицата инволвирани во недозволените активности, финансиската истрага е насочена кон пронаоѓање и обезбедување на докази за видот и висината на имотот, имотната корист и приносите прибавени со кривичните дела. Најголем дел од отворените финансиски истраги се поврзани со недозволена трговија со дрога, криумчарење на мигранти, но и кривични дела поврзани со тероризам и злоупотреба на службена положба и овластување, изјави Спасовски.












