ВЕСТ НА ДЕНОТ: Охридскиот договор – нов дух на водење политики што градат мостови, заедно се развиваме како членка на НАТО и идна членка на ЕУ
Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики кои градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот, на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја во заеднички евроатлански дом заедно со другите народи, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на денешната тематска седница на Владата посветена на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Со Охридскиот рамковен договор, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. „Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ“, истакна премиерот Заев во обраќањето на денешната тематска седница на Владата, посветена на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Заев подвлече дека оваа значајна годишнина се совпаѓа и со 30 годишнината од независноста на нашата земја, со 80 годишнината од народното востание и 20 годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија. При тоа ја нагласи посветеноста на актуелната Влада во заокружување на Рамковниот договор со усвојувањето на Законот за јазиците.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Маричиќ: Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице
Во иднина нападот врз новинари нив ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на Здружението на новинари, чиј претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на КЗ.
За ова денеска информираше на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, кој посочи дека Владата на денешната седница, што се уште е во тек, усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а првите се однесуваат на новинарите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДЛУКА Владата на 88-та седница ја усвои одлуката за затворање на дивите депонии и ѓубришта во 18 општини од Источниот и Североисточниот Регион со која се опфатени и над триесеттина диви ѓубришта.
ИЗБОРИ Датумот на локалните избори останува 17 октомври, согласно Изборниот законик. Поклопувањето на пописот со кампањата за изборите нема да промени ништо, а можно е пописот и порано да заврши, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање.
ИСТРАЖУВАЊЕ Претежно слаба работа на градоначалниците и невклученост на граѓаните во локалната самоуправа, пред сè заради незаинтересираноста на локалната власт. Македонските граѓани го поддржуваат пристапувањето во ЕУ, но не по цена на нивниот национален идентитет, покажува неодамнешната квалитативна студија спроведена во Северна Македонија од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
ЗДРАВСТВО Прилично добро се одвива целокупниот процес а денес веројатно ќе се надмине бројката од 500.000 вакцинирани лица со најмалку 1 доза од нив над 330.000 се веќе ревакцинирани, во следниот период очекуваме да до крајот на август сите 500.000 кои што се вакцинирани со 1 доза да бидат и ревакцинирани, истакна министерот за здравство, Филипче пред новинарите на денешниот настан по повод „Месец на остеосарком” во библиотеката на Клиниката за ортопедија.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Рита Бехадини, новинарка и активистка за правата на жените, во видео порака за иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“: Разликите не прават поубави!.
Уметникот Агим Пошка од Струга во видео порака во Иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“, за тоа како треба да се однесуваме едни кон други, за иднината и хармонијата меѓу нас.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Утре (среда, 28 јули 2021) во Скопје, со почеток во 11 часот во хотел Парк Резиденс & Спа во Скопје и преку видео – врска, Во организација на ЦИВИЛ и Балкан Форум, се одржува регионална конференција која донесува истакнати стручњаци, активисти за човекови права и претставници на граѓанското општество од Европа и регионот.
„Напади врз демократијата и човековите права: Граѓанските организации во поддршка на општествата од Западен Балкан кои се соочуваат со дезинформации, говор на омраза и хибридни напади“, на две тематски прашања: Како дезинформациите го нарушуваат јавниот дискурс и охрабруваат радикално навредлива реторика и говор на омраза? И: Како хибридните напади го искривуваат јавниот дискурс и ги загрозуваат демократиите.
Меѓу учесниците и говорниците на двата панели на конференцијата се Марион Краске, проф-д-р Снежана Трпевска, д-р Волфганг Розман, Амина Шурковиќ, Ненад Шебек, Абит Хоџа, Тијана Цвјетичанин, Амина Шемсовиќ, Ерјон Цурај, Бојан Кордалов, Мерсиха Смаиловиќ, Владимир Георгиевски и други претставници на медиумите и граѓанското општество.
СЛОБОДНА ЗОНА
Мене само едно нешто ме буни, ајде свирчињата и тапаните, ама оти ги заборави папучите, оние од кои го повика народот да излезе и да маршира за тебе на улица, а Никола?“, пишува Петрит Сарачини во неговата колумна „Грујо од Будимпешта пак во филм, го направил 27 април без насилство, со свирчиња и тапани?!“.
Д. Муратов












