Независната угостителска комора (НУК) упати барање до Владата веднаш да ја укине одлуката, со која се забранува посета и влез на невакцинирани лица во угостителските објекти. Одлуката е неприменлива и не може да биде почитувана без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат неколку закони, посебно Законот за заштита на личните податоци, велат од комората.
Целта на Барањето, како што се наведува, е да се спречи деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости и да се овозможи сите угостителски објекти да бидат достапни еднакво за сите граѓани.
„Ниту т.н. нови редари, ниту кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност, овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување потврда за извршена имунизација“, соопштија од НУК.
Во Барањето, НУК наведува дека медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно Законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар, никој друг нема право да врши проверка или прибирање на оваа информација, ниту да врши селекција, односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба.
„Во моментов се уште согласно постојната важечка законска регулатива вакцинацијата е изборно право на секој граѓанин и не е задолжителна и како такво истата не смее да биде услов за нормално движење, работење и слобода на уживање на човековите права ниту услов за влегување во јавен објект и користењето на услугите на јавниот објект како што се угостителските објекти“, сметаат од НУК.
Според претседателот на Комората, Здравко Јосифовски, со оваа одлука неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани. Поради сето ова, тие бараат и очекуваат од премиерот Заев, до кој е адресирано барањето, веднаш да се укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани во угостителските објекти.
Ако Владата не ја укинете одлуката, Јосифовски, како што нагласува, ќе биде првиот сопственик што ќе го затвори угостителскиот објект.
„Угостителите досега ги почитувале и спроведувале сите реални и неопходни препораки и протоколи за работа на угостителските објекти без разлика дали тие кореспондирале со тековните состојби, но оваа одлука не може да биде испочитувана и спроведена без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат повеќе закони, посебно Законот за заштита на личлните податоци, потенцира претседателот на НУК Јосифовски.












