Министеството за здравство и денес информира за значително зголемен интерес за вакцинирање кај граѓаните што е забележан вчера. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата и на терен во помалите населени места и руралните средини.
Како што информираат здравствените власти, заклучно со вчера, вакцина примиле 571 392 граѓани, ревакцинирани се 462 192, односно аплицирани се вкупно 1 033 584 дози. Прва доза вакцина вчера примиле 8808 граѓани, а вкупно биле вакцинирани 15 574.
Со последните бројки, барем една доза вакцина примиле 67 проценти од населението над 70 години, 64 отсто од луѓето 65 години, 60 отсто од тие што се повозрасни од 60 години и 50 отсто од населението над 50 години.
Министерството за здравство укажува дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствен начин се да се победи пандемијата. „Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување како и смртен исход“, укажуваат од Министерството.
Оттаму повторно ги потсетуваат граѓаните дека за вакцинирање не е потребно закажување термин, освен за малолетниците од 12 до 17 години, за кои пријавувањето за вакцина е на веб-страницата vakcinacija.mk.
Низ целата држава се одвива и теренската вакцинација, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба, се вели во соопштението од МЗ.












