пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
(Линк до ПРВ ДЕЛ)
ПРЕПОЗНАТЛИВА АНАЛОГИЈА
Аналогија помеѓу неговите идеи и „Отворен Балкан“ е препознатлива. Во тие мигови секако дека било многу тешко да се препознае кој облик на држава и нации ке ја наследат отоманската имеприја. Затоа идејата на Ригас била далековида, а од аспектот на денешните балкански и европски случувања повторно многу актуелна и прифатлива.
Внимателно читајќи ги некои делови од неговиот „Балкански устав”, јасно се препознатливи одредбите на денес многу актуелниот Европски устав на ЕУ.
Навистина штета е што делото на овој умен човек не е поблиско до денешните креатори на „Отворен Балкан“, а можеби се и блиски. Во овој момент, не можеме да навлеземе во менталниот склоп на тројцата лидери кои на 29 јули го потпишаа договорот за „Отворен Балкан“, но според потпишаното и според отворените повици до останатите држави од Западниот Балкан, има многу аналогии кои одат во прилог на идејата на Ригас.
Од она што може да се извлече од политичките дела на Ригас, тој сакал да создаде федерација во која би биле вклучени сите народи од Балканот, Мала Азија, Западна Турција, па дури и Египет и Малта, кои во тоа време исто така биле под отоманска власт. И овде има аналогија. Во потпишаниот договор помеѓу тројцата лидери, премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, покана е упатена до сите држави од Западен Балкан да се приклучат на идејата врз рамноправна основа и врз заедничко донесување на сите одлуки и решенија.
Во член 7 од уставот кој што го напишал Ригас, пишува дека: „државотворен народ ќе бидат сите народи во кралството: Грците, Бугарите, Албанците, Турците и сите други, без оглед на нивната религија или јазик”. Тоа го предложил со цел да ги инспирира и да ги мотивира луѓето да ги прифатат неговите идеи.
Во член три од неговата повелба за човековите права се нагласува дека „сите луѓе, христијани и Турци се исти и се природно еднакви. И законот треба да важи единствено и подеднакво за сите на територијата“. Тој, законот, не прави разлика помеѓу богатите и сиромашни. Понатаму, раководејќи се од идејата на француската револуција, Ригас вели дека сите имаме еднакво право да се изразиме како сакаме и да го кажеме своето мислење. Ја пропагирал слободата на говорот и јавни мирни собири. Слободно патување и размена на мислења.
ШТО КОПИРА ЕУ ОД РИГАС?
Ако направиме паралела меѓу денешниот устав на ЕУ и Балканскиот устав на Ригас и документите кои ги најавија тројцата лидери, има многу аналогии и совпаѓања. Во член 7 тој вели: „Вероисповедта на христијаните, Турците, Евреите и на сите други, е слободна и загарантирана од страна на власта. Ако некои од овие права бидат оневозможени, тогаш е јасно дека станува збор за тиранија, која што ние, народот ја отфрламе.”
Во својата повелба, тој покренал две, за тоа време мошне прогресивни идеи: прво, дека образованието е не само право туку и обврска, како и тоа дека и мажите и жените имаат подеднакво право на образование. Вели: „Сите, без исклучок, имаат обврска да бидат писмени. Нашата република (Балканска) мора да основа училишта во секое село за да можат да се образуваат сите деца – и машки и женски, во големите градови мораат да се изучуваат и француски и италијански јазик“.
Во својата далековидост за државно административна организација на Балканите тој отишол многу подалеку и од идејата на француската револуција за слобода, братство, еднаквост, па сугерирал, гледано од денешен агол, силна локална самоуправа, велејќи дека сите одлуки треба да се донесуваат на локално ниво во интерес на локалната заедница, а во нивното донесување треба да учествуваат сите граѓани. Административна управа на секоја локална заедница ја замислувал како собрание, од кое би се делегирале претставници за собранијата на ниво на провинциите, регионите и на национално ниво. (Прекрасно замислена парламентарна демократија со силна локална самоуправа). Во рамките на вака организиран парламентарен систем, Ригас предлагал секој граѓанин да има право да биде избран за која било јавна служба на кое било ниво во заедницата на Балканот.
Во својот балкански устав, кој и денес сите регионални Академии на науки и уметности го проучуваат, посебно бил елабориран член 5 од неговиот Устав во кој вели:
„Секој граѓанин има право да работи во државна служба во балканските институции“. Засилувајќи го капацитетот на граѓанинот и граѓанското општество тој вели дека слободните нации не признаваат други преференции освен интелигенцијата и способноста. И тука наоѓаме аналогија со, во потпишаниот договор за „Отворен Балкан“ каде се спомнува усогласување на прописите на ниво на држави потписнички, слободна размена на труд и признавање на квалификациите во сите држави, полесно регулирање на престојот итн.
Домашните задачи за регионална соработка кои ни пристигнуваат од ЕУ како да се преточени од идеите на Ригас.
РАЗБРАНУВАНА БАЛКАНСКА ЖАБУРИНА
Многу научници и политичари со големи почести зборуваа и сè уште зборуваат за Ригас и неговата визија за отворен Балкан: Слободен, мирен и толерантен балкански регион, слободна, толерантна и мирна балканска федерација. Српската Академија на науки и уметности и уште десетици високи научни институции од светот со помош на врвни класични филолози и денес ги толкуваат неговите размислувања и ги предочуваат на политичарите и студентите на политички науки.
Можеби тука треба да се бара потеклото на инспирацијата за создавање на Отворен Балкан.
Конференцијата во Скопје како да ја разбранува „балканската жабурина“. Црна Гора и Босна и Херцеговина целата идеја уште ја „стават на кантар“ (не) влечат „рачна кочница“, но не ја ни подржуваат идејата отворено.
„Цело е кога има сè“. Босна и Херцеговина и Црна Гора се двоумат и во меѓувреме секоја за себе развиваат „своја регионална соработка“ и создаваат „отворени граници“, подобра клима за економија и поубава перспектива на своите жители и го „имитираат“ Отворен Балкан.
Само четири дена после економскиот Форум во Скопје на кој е промовиран Отворен Балкан, премиерите на Албанија и Црна Гора Еди Рама и Здравко Кривокапиќ, отворајќи го новиот заеднички гранични премин помеѓу двете држави изјавија дека ова е голем чекор кон унапредување на односите меѓу земјите во регионот.
„Ова е важно за регионот и сеопфатна валоризација на економските стопанските туристичките ресурси на двете држави, бидејќи постои меѓусебна доверба и пријателство, а најважно е што граѓаните повеќе нема да губат време чекајќи со саати на границата. Ова е потврда на добрососедските односи и доказ дека заедно можеме многу и дека едни без други не можеме“ – рекол Кривокапиќ.
Рама, како во Скопје, така и во Црна Гора изјавил дека мора да се тргнат сите бариери во регионот и да се овозможи слободен проток на луѓе.
Нешто порано и во Сараево е одржан Економски форум на Босна и Херцеговина на кој се собраа повеќе од 2.200 учесници главно претставници на регионалните компании кои побараа олеснување во регулативата за слободен бизнис. И нагласија дека во тој регион економскиот простор е разединет преоптоварен со разни регулативи и дека со оглед на големината на пазарот, не може да биде ефикасен.
Специјалниот претставник на ЕУ кој присуствувал на овој собир, отворено кажал дека „тие се тука да помогна и да ги подржат иницијативите, но дека не можат тоа да го првата наместо нив, не можат тие да им го обезбедат економскиот напредок.“
Дали и Турција е составен дел на европски Балкан? Ригас вели да. И креаторите на „Отворен балкан“ велат ДА. Повеќе отколку било кога во поновата историја, Турција денес е присутна во Западен Балкан и со внимание ги следи случувањата. Националната новинска агенција на Турција Анадолија на сите јазици ја пренесе информацијата од Економскиот форум „Отворен Балкан“.
Само пет дена после Конференцијата во Скопје, претседателот на Србија Александар Вучиќ и амабасадорот на Турција во Србија Хами Аксој се договорија турската компанија Теклас да преземе една напуштена фабрика во Врање и да вработи 1.000 луѓе од врањскиот регион сè до границата со Македонија.
„Ова инвестиција е важна за врањскиот регион, бидејќи вработените во Теклас ќе имаат просечна плата од 444 евра, што е зголемување за 81 отсто во однос на просечна плата во овој регион. Вучиќ и директорот на турската компанија Теклас, Небиа Анила, се договорија турската компанија да ја преземе целата фабрика и да ги вработи луѓето од пчињски регион.
Врањскиот регион е „најблиску“ до „Отворен Балкан“ вели за ЦИВИЛ МЕДИА Раде Новковиќ, сопственик на хемиска индустрија и индустрија за лепила во чевларство во Врање.
„Да не кажам дека сме единствена, но сме најголема фабрика за производство на лепила и други пропратни материјали за чевларска индустрија. „Отворен Балкан“ за мојата компанија значи дека камион со стока од Врање без задржување на граница, ќе пристигне во кумановската, штипската фабрики за чевли за еден час. До сега се случувало само на граница да стои седум-осум часа. Очекувам со отворени граници и слободен проток на стока и во Албанија. Ова е перспектива не само за мојата компанија, туку и за сите компании со кои соработувам, бидејќи подобра комуникација, размена на искуства и вработување на квалификувани работници од целиот регион ќе донесат економско подобрување и благосостојба“.
Горан Левков, новинар и економски аналитичар низ конкретни податоци за ЦИВИЛ МЕДИА го оправдува „Отворен Балкан“ и вели дека идејата, доколку нема скриена политичка агенда, треба да се поддржи и да стане посеопфатна, да ги вклучи и другите земји од регионот.
„Со олеснет проток на луѓе и побрз транспорт низ трите земји од „Отворен Балкан“ нивните компании би требало на дневно ниво да заштедат од еден до два милиони евра само врз база на отворени граници. Овие груби проценки ги темелам на проценки за времето кое транспортерите го губат чекајќи пред гранична рампа да ги завршат процедурите. На граничниот премин Табановце, на пример, дневно во просек преминуваат 30.000 граѓани. Ако секој од нив изгуби по еден час на чекање да ги заврши сите потребни процедури тоа се 30.000 часа. Ако ова го поделиме со 22 работни дена произлегува дека секој работен ден изгубен на граница чини по 1.600 денари или ако работниот ден го поделиме на осум часа, секој изгубен час на граница граѓаните ги чини 200 денари. Кај странските државјани и транспортери, каде што платите и дневниците се повисоки и за шест пати, оваа сума од денгуба на границите низ Балканот нараснува на половина милион евра дневно без да се вкалкулира амортизацијата на возила кои стојат, трошат гориво, мазиво или секој залудно поминат час на граница камионот кој доаѓа од ЕУ го чини приближно 100 евра. Иако транспортот во време на Ригас бил организиран на друг начин, тој бил визионер колкава заштеда носат отворени граници на Балканот“.
Заев, Вучиќ и Рама фрлија отворени карти на конференцијата во Скопје „Отворен Балкан“. Тоа или ќе биде прав пат, кон конечно подобрување на животот во регионот или ќе заврши како материјал за некоја идна академска расправа на универзитетите за политички науки.
Сите права се задржани.