Перо Арсовски, еден од најдобрите македонски актери, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека различностите се вистинско богатство на нашето мултикултурно општество.
„Различностите се огромно богатство на нашата земја. Како што знаеме, Македонија низ вековите претставувала крстопат на разни војски, на разни трговски патишта, но и ден-денес е тоа. Мислам дека е тоа огромно богатство затоа што со векови тие, дали имале среќа, дали биле толку мудри и паметни, успеале да го зачуваат она што е најдрагоцено, она што е нивни етникум, она што е нивна култура, јазик, обичаи. Секој етникум почитувајќи ги другите, успеал да остане свој и да биде дел од едно такво заедничко општество, во една таква хармонија.
Постојат и други мислења. Се разбира дека тоа може да биде и проклетство на едно општество, но јас не се согласувам со тоа. Мислам дека секаков обид на мајоризацација или на воспоставување на некој, можеме да кажеме и вештачки ред на доминација на мнозинството, води во едно друго поле коешто мене не ми се допаѓа, кое никогаш и не водело во некоја светла иднина. Само почитувањето на различностите, само правење на една таква разлика може да создаде хармонична заедница каде што секоја поединец што ќе се чувствува слободен, каде што се почитуваат неговите права, може да го даде својот максимум и својот придонес во таа заедница“, истакна Арсовски.
Биљана Јордановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети