ЦИВИЛ упатува искрено и длабоко сочувство до семејствата и блиските на жртвите во страотниот пожар што ја зафати модуларната болница во Тетово, ноќта, на 8 септември. Ова е голема болка за семејствата и блиските на жртвите, но и за целото општество.
Во овие трагични мигови, хуманоста и солидарноста не можат ни оддалеку да ги надополнат човечките загуби, но можат да ја ублажат болката на семејствата и блиските.
Јавноста очекува истрага и резултати од професионалните служби, а не „тросед-истрага“ на социјалните мрежи, која започна истата ноќ.
ЦИВИЛ апелира до јавноста да се дистанцира од непроверени и неофицијални информации за оваа голема трагедија и ги повикува сите граѓанки и граѓани да ги отфрлат и остро да ги осудат сите што манипулираат со фактите и сеат омраза по социјалните мрежи, како и медиумите кои во човечките трагедии гледаат можност за прибирање кликови. Тоа што се случи во Тетово, може да се случи буквално во секое друго населено место во земјава или во светот, но институциите и медиумите се повикани да помогнат во олеснување на последиците од трагедиите.
Говорот на омраза што се појави на социјалните мрежи веднаш по објавените видео снимки и фотографии од Тетово, не им носи никаква добивка на тие што ги злоупотребија социјалните мрежи, додека пожарникарите и медицинските екипи се бореа да спасуваат животи, а семејствата беа во шок и неизмерна болка.
ЦИВИЛ остро го осудува говорот на омраза, и ги повикува надлежните институции да постапат и да ги санкционираат соодветно на законските прописи.
„Најискрено веруваме и дека никој вистински не посакува вакво нешто да му се случи никому. Оттаму, сметаме дека говорот на омразата е дел од крајна неодговорност и погрешно сфаќање на јавната комуникација. Апелираме на одговорност, сочувство и солидарност во вакви мигови – не профитирање од неволјата“ – апелираат од ЦИВИЛ.
Додека трае истрагата, и додека не се дознае причината за оваа трагедија, ЦИВИЛ апелира до целото општество, политичките субјекти и поединците, да не избрзуваат со заклучоци и обвиненија без цврсти докази и аргументи. Потребно е да се остават релевантните институции да работат на случајот и во најбрзо можно време да го решат соодветно да постапат.
Наша обврска како општество е да бидеме хумани и да ја понудиме нашата помош и сочувство, како луѓе и како професионалци, секој во својата област.
ЦИВИЛ