Општа болница Прилеп до Министерството за внатрешни работи синоќа пријави случај на физичко оштетување на таблата за електрична енергија од модуларната болница, соопштија од Министерство за здравство.
Здравствените власти соопштија дека обезбедувањето на болницата забележало дека таблата од надворешната страна на модуларната болница во Прилеп е отворена со хебла, по што и го известиле електричарот од болницата, а веднаш била повикана и полиција.
„Струјата во модуларната болница е во функција, бидејќи надворешната табла не врши дотур на електрична енергија на опремата во болницата“, соопштија од Министерство за здравство, од каде воедно информираа дека во модуларната болница се хоспитализирани 17 пациенти.
„Вандализмот не довел да се загрози животот на пациентите. Министерството за здравство апелира до надлежните институции за што побрзо расчистување на случајот“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.