ВЕСТ НА ДЕНОТ
Долгоочекуваната статистичка операција која во државава се очекуваше речиси 20 години, а се одложи последен пат во април 2021 година, денеска финишира и во тек се последните теренски проверки за попишување на оние домаќинства кои од разни причини не биле опфатени досега. Вечерва во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување во земјата, но и апликацијата за самопопишување на дијаспората, информира Државниот завод за статистика.
Заклучно до вчера во земјава се попишани вкупно 1.813.153 лица, 562.110 домаќинства и 822.575 станови. Можноста за самопопишување на лица во странство досега ја искористиле – 203.144 граѓани од дијаспората. Најмногу попишани граѓани од странство има во Швајцарција – 64.806, Германија – 46.161 и Италија – 28.265, соопштуваат од Државниот завод за статистика.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Во интервјуто за ЦИВИЛ Прес студио, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Весна Бендевска, информираше за претставка на лице со физичка попреченост, кое се пожалило до Комисијата дека подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, каде граѓаните можеа да дадат потпис за независни кандидатури, била апсолутно непристапна за лицата со попреченост.
ИЗБОРЕН РАПОРТ НА ЦИВИЛ
Четврти ден од официјалната изборна кампања за локалните избори. Партиите цврсто газат според своите агенди и ниту дождот не може да ги спречи да излезат на терен и да им се додворуваат на граѓанките и граѓаните, секој колку може и знае.
Генерално, се бележи динамична, често некоректна кампања, но во голема мерка вообичаена изборна кампања. Не се забележани случаи на притисоци, уцени, закани и други појави кои во минатото беа дел од предизборната атмосфера во нашата земја. Сепак, мониторинг тимот на ЦИВИЛ, има доста работа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Министерството за одбрана го промовира новиот „План за интегритет 2021-2024“ Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и одбранбеното аташе на Норвешка Даг Магне Лунде денеска го промовираа новиот „План за интегритет 2021 – 2024“ на Министерството за одбрана, изработен во соработка со норвешкиот Центар за интегритет.
ДИК Државната изборна комисија одби два приговори за предвремено почната изборна кампања и го зголеми надоместокот за целокупниот состав на општинските изборни комисии за 6000 денари.
МОН Од утре започнува пријавувањето за остварување на правото на студентска стипендија, информира Министерството за образование и наука (МОН). Согласно условите и критериумите наведени во конкурсот за академската 2021-2022 година, крајниот рок за аплицирање е 15 октомври.
ИМУНИЗАЦИЈА Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 3.014 дози вакцини, од кои 1.240 како прва доза, 1.730 ревакцинирани и 44 граѓани примиле трета доза вакцина, информираат од Министерството за здравство.
ОДГОВОРНОСТ Министерот за животна средина Насер Нуредини рече дека ќе сноси одговорност доколку Антикорупциска утврди дека биле користени службени возила за приватни цели.
ЗАКОН ЗА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ Новиот Закон за заштита на лични податоци е во фокусот на проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“, чија цел е подобрување на заштитата на основните човекови права и националниот систем за заштита на личните податоци во согласност со стандардите од законодавството на ЕУ, како и подобрување на работата на Агенцијата за заштита на личните податоци. Со новиот Закон за заштита на личните податоци се транспонира Општата регулатива за заштита на личните податоци (ГДПР) на Европската Унија.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Четврти ден од изборната кампања, а веќе има низа на инциденти. Тепачки при лепење изборни плакати, уништување на изборен материјал, пукање со огнено оружје на партиски средби, продолжува злоупотребата на деца за политичка кампања, на митинзите грубо кршење на мерките против Ковид-19…
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Денеска е последниот ден за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Крајниот рок за пријавување е до 17 часот.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
ИНТЕРВЈУ
Бендевска: Ги охрабрувам граѓаните, да поднесуваат пријави и да побараат заштита од дискриминација
https://www.youtube.com/watch?v=OXyU5CsBuWM
СЛОБОДНА ЗОНА
„Како да се објасни овој феномен на големо промашување на анкетите и аналитичарите во 2017-та и дали може да се извлече некаква поука од него?
Има повеќе можни објаснувања. Прво, можно е анкетите да не биле реално спроведени, туку да станале составен дел од предизборната кампања со дезинформации. Второ, можно е голем дел од неопределените гласачи за време на кампањата да се определиле за една опција. Трето, можно е да се погрешни претпоставките дека кампањите малку влијаат врз гласачкото тело, особено во нашиот политички контекст.
Како и да е, поуката од погрешните анкети и анализи во 2017-та е дека на анкетарите и аналитичарите не треба да се потпираат ниту гласачите, ниту политичарите, ниту пак медиумите. И во 2021-ва сме сведоци на противречни резултати од анкети (некои од нови и сомнителни организации), па дури и обиди политички да се дискредитираат анкетари. Сепак, фокусот и на гласачите, и на политичарите, и на медиумите треба да биде на изборната понуда во кампањата, а не на анкетите и аналитичарите“, Жарко Трајановски во анализата „Локалните избори во Скопје: Анкети, аналитичари и кампањи“.
„Нам оваа европска реалност, ова бриселско „шутирање под маса“ на тамошните кујни и замешателства ни е добро познато, со години наназад, уште од 1992 и Лисабонската декларација (памтите, кога ЕУ не сакаше ни да чуе за „Македонија“), па и од јуни 2003, по усвоената „Солунска агенда за Западен Балкан“ со која ЕУ ја потврди интегративната перспектива за земјите од регионот. Процесот веќе две-три децении се одвива прва-рикверц-прва, па рикверц, со сите дадени и прегазени ветувања од Брисел, често со добра „регионална“ причина, но не ретко заради бунилото на самата Унија која денеска не знае „что делает“ ни со себе, ни вон себе. Европејците се, објективно, збудалени. А, што ни е нам да чиниме?“, Сашо Орданоски во колумната „Европејците се, објективно, збудалени“.












