ВЕСТ НА ДЕНОТ
Македонска дипломатка протерана од Русија
Вршителката на работите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска Димовска, денеска беше повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, каде и беше врачена Нота за прогласување персона нон грата, информираат од МНР.
Одлуката на руското министерство за надворешни работи, за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, преставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ. За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји, се наведува во соопштението од МНР.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Сарачини: Црната кампања е хронична болест во нашето општество
„Се занимавам со лажните вести и дезинформациите и се обидуваме преку „Кратки нозе“ на публиката да и предочиме дека тоа што излегува во медиумите не секогаш е вистина и да има критичка визура и да ги прима медиумските содржини повнимателно, да бара повеќе извори за да дојде до вистината“, изјави Петрит Сарачини од ЦИВИЛ во Утрински брифинг.
„Кампањата личи на предизборните кампањи што ги имаме години наназад. Почна предвреме. Политичките партии се активни од минатата година, промовирање на нивните политики, но најмногу на оцрнување на политичкиот противник. Тоа е хронична болест на нашето општество – се потпишуваат Кодекси за фер избори, фер натпревар, но за жал гледаме дека не се почитуваат. Тоа малку личи на лицемерие на политичките партии – штом не го додржуваат зборот на еден пишан документ, кога тоа не се почитува и се третира како тоалетна хартија, мислам дека тоа треба да се смени. Притисокот може да дојде само од граѓаните, политичките партии нема сами да се сменат“, вели Сарачини.
ИЗБОРЕН РАПОРТ #8
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Почнува втората недела од изборната кампања за Локалните избори. Кандидатите за градоначалници и советници, заедно со нивните лидери се растрчани по трибини и митинзи каде продолжуваат да ги претставуваат своите програми, концепти и визии. Откажувања од соочување со противникот на ТВ дебати, ДИК почна да ги полни терминалите со податоци за граѓаните.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Локални избори? Ма не, ова е само загревање за „големата изборна победа“ на предвремените парламентарни избори. Дури потоа, Македонија (целадае-чиста-безклетишиптари) ќе процвета, бидејќи проектите се тука, само треба власт (ситница). Навистина, во ова време кога сè може да се провери, кој уште може да верува во политичари што не знаат каде (и кога) се наоѓаат? Таман да чита таблица множење од учебник по математика, не треба да му се верува. Но, тоа е…“, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Македонска изборна салата, проклетство и благослов“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ФИНГЕРПРИНТ ТЕРМИНАЛИ Државната изборна комисија денеска прими уште повеќе од илјада од терминалите за отпечатоци од прсти што првпат ќе се користат на Локалните избори 2021 година на 17 октомври, а веќе е започнато и полнењето со податоци од граѓаните на веќе пристигнатите, а до крајот на неделата треба да пристигнат договорените 4000.
БУСТЕР ВАКЦИНА Трета доза вакцина против Ковид-19 освен граѓани над 60 години ќе може да добијат и кои било други граѓани без оглед на возраста, без оглед на тоа дали имаат или немаат хронични болести, а се во значаен ризик заради фреквентните контакти, типот на работа, работното место, да заболат од Ковид-19. Ова е препораката од Комитетот за имунизација која денеска на прес-конференција ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
ЗЕЛЕНИ Во Собранието се донесени преостанатите четири закони од областа за управување со отпад – Законот за управување со отпад, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад. Со ова се заокружи легислативната неопходна за европеизирање на управувањето со отпад, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата.
МОЌНИ ПАСОШИ Патната исправа на Република Северна Македонија е рангирана на 31 место на листата на Глобалниот индекс на најмоќни пасоши на „Артон Капитал“ за 2021 година, изработена врз основа на тоа во колку држави со нив може да се патува без виза.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во 2016 гласавме на парламентарни избори; во 2017 на локални; во 2018 се пребројувавме на референдумот за Преспанскиот договор; во 2019 гласавме на претседателски избори; во 2020 повторно на парламентарни; во 2021 на локални избори… Плус осум општински референдуми во последните пет години. Овде спаѓа и спроведувањето на пописот на населението, бидејќи се третира како еминентна изборна активност. А, веќе се спомнува и 2022 година како можност за вонредни парламентарни избори.
Во наши услови, тоа значи дека за пет години сме „изгубиле“ две-три години во гласачки активности, кога ќе се пресметаат сите предизборни месеци, официјални и неофицијални кампањи, први и втори кругови на гласање и сите афтер-шокови од пребројувањето на гласовите, жалбите, тужбите и пост-изборните лелеци и „лижење на раните“, Сашо Орданоски во колумната „Може ли Македонија да издржи олку демократија?“.
Д. Тахири












