ВЕСТ НА ДЕНОТ
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги претставија резултатите од процесот на системска дигитализација на судството.
Со ова заминуваат во историја постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање. Дигиталните услуги за издавање на уверенија се однесуваат на физички и на правни лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривични и прекршочни предмети.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Имаме Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија во чии рамки е формирана експертска историска и образовна комисија која веќе најде решение за заедничко чествување на пет историски личности или три историски периоди. Тоа се Св. Кирил и Методиј, Свети Наум и Климент Охридски и Цар Самоил. Ние чествувањето веќе и го правиме, нашите претседатели, премиерите ние во Ватикан го правиме, сме се поклониле пред споменици, дури и некои поклони и заедничко чествување сме правеле пред споменици на ликови и херои кои се дел од нашата заедничка историја, ги чествуваат двете земји, а се уште пред работната група или експертската комисија не се утврдени. Апсолутно никој ниту бара, ниту треба, ниту тоа се дискутира за промена на историјата и слично.“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
ИЗБОРЕН РАПОРТ #11
Во денешното издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ (7 октомври 2021), се известува за случај на злоупотреба на службената положба, злоупотреба на децата, црна кампања, говор на омраза врз родова основа и неколку препораки на ЦИВИЛ за потребата од медиумските простор за сите подеднакво. Воедно, ЦИВИЛ констатира и силна доминација на мажите и во овој изборен процес.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
ИЗВЕШТАЈ ОД МОНИТОРИНГОТ На 14 октомври ЦИВИЛ ќе одржи презентација на наодите и анализите од изборниот мониторинг за јавноста и за медиумите. За точното време и форматот на настанот деновиве ќе бидат објавени дополнителни информации.
АНГАЖМАН И СОРАБОТКА Отворен е повик за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на civil.mk@gmail.com.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СИМУЛАЦИЈА Со цел информирање на сите заинтересирани околу тоа како ќе тече изборниот процес со користење на уредите за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст, кои првпат ќе се применуваат на претстојните Локални избори, Државната изборна комисија денеска организира симулација на постапката на гласање и презентација на уредите.
АНТИКОРУПЦИСКА Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), повторно укажува на обврската за доследно почитување на забраните од Изборниот законик, односно член 8-а, и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите.
ИСТРАЖУВАЊЕ Владата на Северна Македонија е прворангирана во регионот според Индексот на отвореност на собранијата и централните власти и исполнува 83,43 проценти од поставените критериуми за отвореност, а од парламентите Собранието е на трето место со исполнетост од 68,15 проценти од поставените критериуми.
ИНТЕРВЈУ
ДИСТРИКТ – Ризаов: Компромис со Бугарија е корисен за двете страни
СЛОБОДНА ЗОНА
„За чудење е како, една од најголемите и најбогатите светски компании, вредна стотици милијарди долари, да падне на колена така брзо и лесно, и – уште полошо – да не може да се освести после ваков нокаут. Претпоставувам дека „ќе летаат глави“ во Фејсбук, на оние коишто се одговорни за инфраструктурата. Стравот е голем дека повторно може да се случи вакво нешто, па акциите на ФБ драматично паднаа во последователните часови.
Решавањето на овој проблем не е ништо ново, се применува откако постојат компјутерски системи. Прво, редундантност (удвојување, па и утројување) на ресурсите, постојана репликација на податоците во реално време, алтернативни напојувања, безбедносни мерки, редовно тренирање на сценарија на опоравување од катастрофата…“, Ванчо Орданоски во колумната „Поголемиот проблем на Фејсбук“.
„Заев сега ја става општата јавност во Македонија – и надвор од партиската, навивачка, од сите профилации во власта и опозицијата – на деликатен тест: да се определи дали е морално, од „морални причини“, да се смени министер заради „виша сила“, односно трагична несреќа во ресорот; или е морално да се застане зад колегите во владата, најблиските соработници во остварување на најкомплицираните владини корона-политики во изминатите две години, кога веќе е констатирано дека немаат конкретна, правна одговорност? Бидејќи моралот секако ги вклучува и правните консеквенции од трагедијата, но е и многу повеќе од тоа.“, Сашо Орданоски во „Лузната“ на Филипче останува на „лицето“ на Заев.
„Зошто избраните и именуваните лица на високи функции во државата не ги извршуваат работите за кои се поставени на соодветните позиции?
Мислам дека е ова прашање кое треба одново и одново да си го поставуваме пред секои избори.
За да се потсетиме.
- Најголем број од овие луѓе на свесно или на несвесно ниво знаат дека ниту имаат капацитети, ниту пак знаења или искуство да се наоѓаат на функциите кои ги држат.
Оваа група функционери е многу за гревота. Тие се во постојан страв дека во некој момент ќе биде откриено колку не знаат и колку немаат појма што да прават на местото на кое се наоѓаат и се обидуваат ова да го избегнат со тоа што:
– се опкружуваат со луѓе кои уште помалку знаат и умеат и кои не може да ги загрозат со своето поголемо знаење
– прават работи кои немаат врска со функцијата, ама кои знаат да ги прават (се ангажираат околу пребројување на потрошени ролни тоалет хартија, смислуваат начини за контрола на доаѓањето и одењето на потчинетите…) и создаваат привид на постојана зафатеност (не знаат каде им е главата од илјадници работи кои воопшто не би требало да ги извршуваат)…“, пишува Мирјана Најчевска во „Не им е лесно“.
Д. Тахири












