Цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 9,48 проценти, а од 1 јануари се укинува и дневната евтина тарифа, соопшти денеска Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Ова поскапување се однесува на домаќинствата и на 15.000 мали потрошувачи-фирми кои струјата не ја купуваат на слободниот пазар, туку ја набавуваат од „ЕВН хоум“ по регулирана цена.
Бислимовски на денешната прес-конференција изјави дека ова е една од најтешките одлуки што ги донела РКЕ од своето постоење.
– Барањата на компаниите до Регулаторна беа цената да се зголеми за околу 38 отсто. Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, соопшти Бислимовски.
Според него, евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање. Се укинува само днавната евтина тарифа, во спротивно поскапувањето ќе било 14,23 проценти.
– Дневната тарифа поради зголемена потрошувачка и зголемен увоз чини 100 илјади евра дневно. Овој товар нашиот енергетски сектор не може веќе да го поднесе и затоа се укинува дневната евтина тарифа. За овој чекор консултиравме голем број експерти и од сите добивме мислење дека тоа е неминовност“, истакна Бислимовски.
Предходно, неколку владини функционери уверуваа дека цената на струјата нема да поскапи повеќе од 10 одсто.












