И бизнисменот Јордан Камчев, обвинет во случајот „Плацеви на Водно“ излегува од притвор, по одлуката на Апелација да ја прифати гаранцијата од скоро 11 милиони евра, сума речиси идентична на гаранцијата со која од Апелација беше пуштен од притвор поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Кривичниот совет на Апелацискиот суд одлучил да ја прифати гаранцијата за Камчев од скоро 11 милиони евра, додека неговите патни исправи остануваат во судот, каде ќе треба редовно да се пријавува. Од таму велат дека ќе треба да се завршат процедурите за запишување на хипотеката, по што Камчев ќе се брани од слобода.
Камчев од пред Нова година се наоѓа на лекување во болницата „Систина“, и од таму нема да се врати во притвор, туку ќе продолжи да се лекува од слобода. Тој е во притвор од март 2021 година, кога беше приведен под сомнение дека се подготвува за бегство.
Пред Нова година на слобода излезе и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој исто како и Камчев беше во притвор за случајот „Плацеви на Водно”, и тоа за речиси идентична сума .
Првообвинет во случајот „Плацеви на Водно“ е поранешниот премиер Никола Груевски, кој се гони дека присвоил 1,3 милиони евра од партиски донации со кои се купувани плацеви на Водно.