„Во случај на инвазија, Украина ќе биде приморана да објави општа мобилизација. Во текот на целата историја докажавме дека за украинскиот народ фундаментална вредност е нашата сопствена слобода. На луѓето може да не им се допаѓа владата, парламентот, луѓето можат да се расправаат меѓу себе, но во моментот кога треба да ја бранат својата земја и слобода, Украинците се способни да се обединат.“, изјави Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук, во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.
Интервјуто со Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук доаѓа по најновите тензии што ги предизвика натрупувањето на руска војска и тешко вооружување на украинските граници и во обид пред македонската и светската јавност да се претстават гледиштата и информациите од украински агол.
Во однос на заканата од Русија, и состојбите на украинско-руската граница, Задорожњук вели дек а заканата трае веќе една година, а ситуацијата ескалирала веќе во април 2021, кога Русија се обиде сѐ да објасни со вежби.
„Заканата од војна е реална, а реални се и дејствата на Русија за дестабилизација на внатрешната ситуација во Украина, со бројни провокации. Режимот на Путин самиот создава конфликтни ситуации и конфликтни зони со цел потоа да бара свое учество во нивното решавање. Овој тренд може да се забележи и во регионот на Западен Балкан.“, посочува Задорожњук.
Амбасадорка на Украина во РСМ, Наталија Задорожњук (фото извор: Амбасада на Украина)
Украина е сепак подготвена да ја сопре инвазијата
„Во моментов, нашите вооружени сили се неспоредливо посилни. Ако Русија сепак одлучи да војува, ќе треба да смета на исклучително голем број загинати руски војници, што нема да биде споредливо со 2014 година. Тоа ќе биде сериозно крвопролевање и за двете страни.“, вели Задорожњук, во однос на подготвеноста на украинската армија наспроти руските воени сили.
Американската администрација во моментов активно работи на обединување на трансатлантската заедница пред заканата за нов бран на руска агресија против Украина.
Дали Западот е спремен да ја сопре руската инвазија?
Задорожњук се потпира на јавното и директно спротивставување на американскиот претседател, Џо Бајден пред Путин, и смета дека санкциите и последиците за Русија ќе бидат катастрофални.
„Претседателот Џо Бајден јавно и директно му стави до знаење на Путин дека доколку Русија одлучи да започне нова ескалација против нашата држава, тогаш цената на оваа одлука ќе биде исклучително висока, а економските последици за Русија ќе бидат катастрофални. Лажливата пропаганда на Русија им кажува на своите граѓани колку е лош Западот, колку е таму лошо, а сите нивни семејства и роднини живеат и учат во западните земји, додека просечниот Русин едвај врзува крај со крај.“
Украинската Амбасадорка изрази надеж дека Северна Македонија ќе се приклучи на политиката на санкции против Русија.
„Се надеваме дека Северна Македонија, како членка на НАТО, кандидат за ЕУ, учесник на Кримската платформа и пријател на Украина, ќе се приклучи на политиката на санкции против Русија.“, вели Задорожњук.
Украина не е на масата на разговорите помеѓу САД и Русија во ОН во Женева, а понатаму и ќе во Брисел, со вклучување на ЕУ и НАТО
„Тоа не е така. Русија се обрати со барање до САД за започнување на билатерални разговори за низа прашања, без учество на трети страни – Украина, НАТО, ЕУ. И овие разговори не се однесуваат само на Украина. И ЕУ како институција „не е среќна“ што е исклучена од директниот дијалог.“, појаснува Задорожњук.
Таа посочува дека според сигналите од САД, нема да се решава ништо без учество на Украина.
“Слушнавме некои јасни сигнали од САД. Прво: ништо за Украина нема да се решава без Украина. Второ, односите меѓу Украина и НАТО се исклучиво работа на нашата држава и на земјите членки на Алијансата. Трето, Соединетите Држави се подготвени за дијалог, но безбедноста на Европа не може да се реши без Европа. Односно, слушаме од американската администрација многу јасни пораки за поддршка за Украина.“
Порака до експертите и медиумите
Задорожњук апелира до експертите да не се задржуваат само на руската пропаганда
„Апелираме до почитуваните експерти да го пренесуваат не само она што го пишува руската пропаганда, туку да користат, ако не украински, тогаш барем сериозни материјали на англиски јазик. Амбасадата на Украина, пак од своја страна, е секогаш отворена за печатот и е подготвена да обезбеди целосни информации за кое било прашање.“, порачува Задорожњук.
Целото интервју може да го прочитате на следниот линк: