Во најава на вестите на ТВ 24 во неделата одеше повикот да се погледне разговорот со некогашниот дописник од Москва – Мирче Адамчевски. Темата на разговорот беше Македонија во време на судирот НАТО – Русија околу Украина, што секако е актуелно. Најавата беше: „Македонија нема потреба да стравува, нашата земја е членка на НАТО“. Но таков наслов не може да се извлече од контекстот на разговорот! Во него стои заклучокот на Адамчевски дека „со самиот факти дека сме членка на НАТО ние веќе сме се поставиле. Ние веќе сме ја одбрале страната. Така што сме во НАТО ние сме се определиле… знаеме дека Македонија е американски протекторат. Како ќе кажат во САД, како ќе кажат во НАТО ние така треба да играме…. ако си се фатил за орото, ќе играш до крај на орото“.
Насловот е секако несоодветен со коментарот, дури е добар пример на извртување ако се гледа од аспект на изложеното. Јасно, останува дилемата кај мене како аналитичарите не говорат за анексијата на Крим, за фактичката анексија на Домбас , за мртвите и иселените … за тоа дека таму постои војна и од 2014 година наваму! Нападот врз суверена држава е клучна во дадениот контекст ама зависи понекогаш во кое оро се фаќаме!