Росана Алескоска – МОСТ на панелот на ЦИВИЛ „Руско -украинската криза и Северна Македонија“, говори за проектот за борба против лажни вести и наративи и руската пропаганда во Северна Македонија.
„Проектот „Борба против лажни вести и наративи“ којшто функционира од 2018 година, но лично сум посветена на истражувања на ваквите информациски истражувања од 2016 година, и како примарен интерес ни се дезинформативните наративи. Кога зборуваме за дезинформативните наративи, треба да бидеме свесни и да се обидеме да ја видиме големата слика. Не секоја дезинформација, а како поединечна информација може да има влијание, Меѓутоа, ако ги погледнеме како хронолошка целина, во одреден временски период, во одреден контекст, за одредена тема, тогаш нештата ни стануваат многу појасни и можеме појасно да видиме која е всушност целта, и за што станува збор.“, вели Алексоска.
Алексоска се осврна на на дезинформативните наративи и на кој начин тие се употребуваат и влијаат врз граѓаните.
„Од она што досега го имаме забележано, не само во студијата, туку и од други анализи кои се објавени на нашиот сајт, генерално, можам да кажам дека најголем дел од дезинформативните наративи, коишто се насочени против западот, против САД, ЕУ или НАТО, во исто време, директно или индиректно значат и промоција или глорификација на Русија. Најчесто се употребуваат, но и се злоупотребуваат низа фактори, како што е наследството од комунизмот или социјализмот, словенското потекло и религија, и отвореноста на демократските општества. Во општествата каде што живее православно население, Русија, по правило, ги промовира наративите за словенскиот идентитет и православието, преку различни типови на медиуми, академија, интелектуалци и разни организации, црквата, културата, одредени политичари и политички партии. Во нашиот случај, на Балканот, па и во делот на централна Европа, Русија ги насочува граѓаните кон концептот на споделени вредности на славјанските и православните браќа, и на овој начин, како да го монополизира овој концепт, и нормално, овој наратив е засилен со наративот дека ние како народи немаме ништо заеничко со западниот свет, што апсолутно не е точно. Ова придонесува кон погрешни перцепции кон нашите западни сојузници, меѓутоа, во нашето мултиетничко општество и држава, внесува раздор и поделби“, посочува Алексоска.
Обработка на текстот: Дијана Тахири
Камера: Дехран Муратов
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети