Силен народе на нескршлива земја!- Вака го започна своето обраќање претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 18-ти ден од украинската војна за живот, за Украина, за независност
Почетокот на денешниот ден беше црн. Руски ракети и воздушни бомби повторно ја напаѓаа нашата земја. Од исток кон запад, продолжи Зелески.
30 ракети само за Лавовската област. Како резултат на гранатирањето на Меѓународниот центар за мир и безбедност загинаа 35 лица, а 134 се здобија со повреди.
Таму не се случуваше ништо што би можело да ја загрози територијата на Руската Федерација. А на само 20 километри оттаму се границите на НАТО.
Минатата година јасно ги предупредив лидерите на НАТО дека ако нема остри превентивни санкции против Руската Федерација, таа ќе почне да војува. Бевме во право.
Долго време зборував: „Северен тек“ е оружје што ќе ја погоди цела Европа. Сега тоа е очигледно.
И сега пак повторувам: ако не го затворите нашето небо, прашање на време е кога руски ракети ќе паднат веќе на ваша територија, на територијата на НАТО, на домовите на граѓаните на НАТО.
Американскиот новинар Брент Рено денеска беше убиен во Кијивската област. Неговиот колега е повреден. Тоа беше намерен напад од страна на руската војска.
Тие знаеја што прават. Но, се чини дека не сите на Запад знаат што прават.
На истокот од нашата земја, окупаторите решија да ја „демилитаризираат“ и „деназифицираат“ Свјатогорската лавра на Украинската православна црква на Московската патријаршија.
Во моментот на нападот на територијата на манастирот имало само монаси и стотици бегалци. Немаше воена цел во или во близина на манастирот. Но, руските војници не запираат дури и пред напад на манастир.
Само овој факт покажува дека целата идеологија на руската држава е едноставно лага.
Денеска ги посетив нашите момци, нашите бранители, кои се опоравуваат од повредите во воена болница.
Ние разговаравме. Им доделив награди. Ордени и медали – за храброст, за слава на Украина.
И навистина сакам мојот поздрав кон нив, „Ви посакувам здравје“, да проработи исто толку моќно денес како и нашите Вооружени Сили, кои држат клучни позиции. Веќе 18 дена. Инаку, во истата болница се лекува и руски војник од Рјазан.
Тој е во иста соба со наши бранители. Ја добива истата помош од истите лекари. И покрај тоа што ова момче го направи против нас, против Украина.
Но, украинските лекари го спасија. И ова е разбирливо. Затоа што тие се луѓе, а не ѕверови.
И ние мора да ја поминеме оваа војна на тој начин што сите ќе останеме луѓе.
Благодарен сум им на сите лекари и медицински сестри кои работат во Кијив, Днипро, Виница, Лавов, Чернигив, Донбас, Харкив, Мелитопол, Мариупол…
На сите!
Воената болница на градот Мариупол.
Воена мобилна болница во градот Покровск.
Воена мобилна болница во градот Часив Јар.
Воено медицински клинички центар на Источниот регион.
Воена болница во Черкаске.
Воено-медицински клинички центар на Центраниот регион, во градот Виница.
Воено медицински клинички центар на Западниот регион, градот Лавов.
Воено-медицински центар за рехабилитација го напушти Ирпен, но продолжува со работа.
Ви благодарам на сите многу!
Од сите нас. Од сите Украинци.
Денес отидов и на контролните пунктови. Не сакав тоа да биде многу јавно.
Само да го поддржам нашите момци, да разговараме. Храбри момци, весели момци кои го бранат Кијив и знаат дека ќе победиме. Се чувствува тоа.
Ќе победиме благодарение на тоа што ние Украинците знаеме да се обединиме.
Секогаш можеме да ги паметиме нашите. Своите – во чувствата, во срцето, во искреноста.
Таму на контролниот пункт сретнав извонредна личност која секојдневно ги поддржува нашите бранители, секој ден им носи тенџере со борш, навистина вкусен, навистина украински. Едноставно од срце. И знам дека нашата држава со векови се заснова токму на такви луѓе. Благодарение на таквите луѓе ќе ги преживееме сите црни денови. Затоа што ние сме заедно. И ние секогаш ги штитиме своите. И своето. Не за пари. Без принуда. Не како тие што дојдоа кај нас. И затоа што сме Украинци.
Меѓународните преговори се важни. Бугарија, Словачка, Чешка, Романија, Полска, Британија.
Ја чувствуваме поддршката од овие земји. Ја чувствуваме поддршката од нашата армија. Тоа е важно.
Разговарав и со Шарл Мишел, Претседателот на Европскиот совет, за нашата европска перспектива, која станува реалност.
Сега во врска со преговорите со Руската Федерација.
Претставниците на нашите делегации секојдневно зборуваат во видео формат. Нашата делегација има јасна задача – да направи се за да обезбеди средба на претседателите. Средба која сигурен сум дека луѓето ја очекуваат.
Јасно е дека ова е тешка ситуација. Тежок чекор. Но, чекорот е потребен. И нашата цел е во оваа борба, во оваа тешка преговарачка работа, Украина да го добие потребниот резултат. Потребниот за нас, за мирот и за безбедноста.
За ние да имаме гаранции – нормални, ефективни. Не како во „Будимпешта“ и не како на нашето небо. А такви што Украинците ќе можат да кажат: ова е она што функционира, ова е гаранцијата.
Неопходно е да се зборува.
Профункционираа повеќе од десет хуманитарни коридори. Кијивската област, Луганската област… За еден ден се спасени 5550 луѓе. За шест дена – веќе повеќе од 130 илјади. Неопходно е да се зборува.
И ова исто така се должи на преговорите. Тоа треба да го разбереме.
За жал, хуманитарниот коридор во Мариупол беше блокиран. Повторно. Направивме се што беше потребно. Обезбедивме молк. Руските војници го прекинаа движењето на товарот и автобусите.
Но, ќе се обидуваме повторно. Ќе се обидуваме уште. Се додека не можеме да им помогнеме на нашите луѓе. Затоа што тие се наши. На нашиот Мариупол. На херојскиот Мариупол.
Украинци! Украинки!
Минуваме низ најстрашниот тест во нашата историја, во нашите животи.
Го штитиме најскапоценото нешто што го имаме.
Мораме да издржиме. Мораме да се бориме.
И ние ќе победиме. Јас тоа го знам. Јас во тоа верувам, истакна Зеленски на крајот од своето обраќање.