Повторените обиди на највисоките одбранбени и воени лидери на Соединетите Американски Држави да разговараат со нивните руски колеги беа отфрлени од Москва во текот на изминатиот месец, оставајќи ги двете најголеми светски нуклеарни сили во своевиден мрак, без можност да се објаснат воените потези, што предизвика стравувања од опасни грешки или големи инциденти на бојното поле, пишува Вашингтон Пост.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, секретарот за одбрана Лојд Остин и генералот Марк А. Мајли, претседавач на Генералштабот, се обидоа да воспостават телефонски контакти со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и генералот Валери Герасимов, но Русите „до сега одбиваат да се ангажираат“, рече портпаролот на Пентагон Џон Кирби во изјавата во средата.
Обидите за повици на Остин и Мајли, за кои претходно немаше информации во јавноста, се прават во денови кога Русија спроведува воени операции во близина на границите на членките на НАТО, Полска и Романија, додека Соединетите Држави и нивните европски сојузници спроведуваат воздушни патролни операции над Балтичкото Море и испраќаат оружје и опрема во Украина со копнен транспорт.
Москва и Вашингтон одржуваат канал за избегнување на конфликтот, но сегашните и поранешните функционери велат дека е потребен контакт меѓу високите воени лидери за да се избегне непотребна ескалација или конфузија.
„Постои висок ризик од ескалација, доколку нема директен контакт меѓу највисоките функционери“, рече Џејмс Ставридис, кој беше врховен командант на сојузничките сили во НАТО од 2009 до 2013 година. „Многу млади луѓе летаат во авиони, управуваат со воени бродови и спроведуваат борбени операции во украинската војна. Тие не се искусни дипломати и нивните постапки во жарот на операциите може да бидат погрешно разбрани.“
„Мораме да избегнеме сценарио во кое НАТО и Русија со месечарење влегуваат во војна, бидејќи високите лидери не можат да земат телефон и да објаснат што се случува“, предупреди Ставридис.
Извор: Washington Post