Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија и Здружението на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ повикуваат на учество во манифестација со приклучување до телемост со светски ѕвезди „SAVE UKRAINE“.
Манифестацијата е посветена на прекинување на руска воена агресија во Украина на а ќе се одржи денеска, (27 март 2022) пред големиот екран на Македонски Телеком на плоштад „Македонија“ќе се емитува телемаратонот за поддршка на Украина и украинскиот народ, со почеток во 17:30 часот.
За време на концертот ќе настапат украински (Jamala, Okean Elzy, MONATIK, Ruslana, DakhaBrakha, Kalush, Go A) и светски ѕвезди, меѓу кои Sting, Ed Sheeran, Bryan Adams, U2, Madonna, Imany, Imagine Dragons, Rod Steward, Elton John и многу други.
Во многу земји на светот, телемаратонот ќе се емитува на националните телевизии, во центрите на градовите и слично.
ЦИВИЛ – Центар за слобода се придружува кон повикот на украинската Амбасада во земјава и Здружението на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ со повик до сите активисти и хумани луѓе да и се приклучат на акцијата.
Во Варшава денеска ќе се одржи меѓународен хуманитарен концерт-маратон насловен „Save Ukraine – #StopWar“, каде музичари, активисти, актери, спортисти, уметници и волонтери од целиот свет ќе ја искажат својата поддршка за Украина.
Настанот ќе трае два часа и ќе се пренесува на повеќе од 20 телевизии ширум Европа и светот, како и на стриминг платформите и социјалните мрежи. Пред, за време и по настанот ќе се собираат и средства за хуманитарна помош за народот на Укрина.
Глобално, настанот ќе може да се проследи на јутјуб каналот, како и на 1+1 International, ICTV Ukraine, Inter+ и на Ukraine24.
Како што е најавено, домаќини на настанот ќе бидат Тимур Мирошиченко и Маша Ефросинина. Помеѓу познатите бендови и уметници кои ќе настапат се наоѓаат имиња како Imagine Dragons, Nothing But Thieves, Fatboy Slim, Крег Дејвид, евровизиските победници Салвадор Собрал и Нетта, но и други познати личности кои ќе се обратат како гости пред гледачите.
Графичкиот симбол на телетонот, кој служи како основа за целата визуелна комуникација, е сончоглед создаден од Даниел Скрипник, украински уметник. Организаторите на настанот велат дека ваквата соработка може да допре до поголема публика бидејќи на делата на Даниел им се восхитуваат луѓето во многу земји ширум светот.
Организаторите го нагласија фактот дека собирањето средства треба да се спроведе преку официјалните сметки на Народната банка на Украина и Министерството за социјална политика на Украина. Средствата ќе бидат наменети за задоволување на потребите од храна и за сместување на бегалците и граѓаните кои ги напуштиле своите домови, за да им се обезбедат облека и обувки, лекови и медицинска опрема, да се обезбедат основните потреби, еднократна парична помош, за задоволување на други приоритетни човечки потреби.