Руската морнарица блокира во регионот на Црното Море повеќе од 90 цивилни бродови кои превезуваат храна за светскиот пазар.
„Триесет отсто од светскиот извоз на пченица обично доаѓа од регионот на Црното Море, како и 20 отсто од светската пченка и 75 отсто од сончогледовото масло. Но, Русија бомбардираше најмалку три цивилни бродови кои превезуваа стока од пристаништа на Црното Море до остатокот од светот, вклучително и еден изнајмен од агробизнис компанија“, рече заменик-државниот секретар на САД Венди Шерман на брифингот на Советот за безбедност на ОН на 29 март, пренесува Укринформ.
Последиците од војната на Путин се чувствуваат многу подалеку од Украина и директно влијаат на глобалната безбедност на храната, подвлече официјалниот претставник.
„Руската морнарица го блокира пристапот до пристаништата во Украина, во суштина го прекинува извозот на жито. Тие, наводно, спречуваат приближно 94 бродови кои превезуваат храна за светскиот пазар да стигнат до Медитеранот“, рече Шерман.
Како што е наведено, многу испраќачи сега се двоумат дали да испратат бродови во Црното Море, дури и до руските пристаништа, со оглед на опасноста што ја претставуваат руските сили.
Според податоците на Human Rights Watch, руската инвазија на Украина ја влоши кризата со храна на Блискиот Исток и Северна Африка. Конкретно, Либан добива 80% од пченицата од Украина; Египет купува пченица, како и големи количини сончогледово масло; Либија увезува повеќе од 40% пченица од Украина; Јемен – најмалку 27%. Дополнително, властите во северозападна Сирија го снабдуваат регионот со пченица и брашно набавени преку Турција, но Турција увезува 90 отсто од својата пченица од Украина.
Европската комисија (ЕК) предложи создавање специјални трговски коридори меѓу Полска и Украина, во обид да се намали влијанието на оружениот конфликт врз синџирот на снабдување со земјоделски производи.
Шпанскиот весник „АБЦ“ пренесува изјава на еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, кој вели дека „ЕК е подготвена да организира такви зелени коридори за да може Украина да извезува храна преку Балтичко Море од полските пристаништа“. Војчеховски околу ова прашање разговарал со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој изразил подготвеност да направи се што е потребно и можно за да ја поддржи Украина.
Транспортните рути предложени од ЕК би можеле да се користат и за испораки на прехранбени производи од Европа во Украина.
Еврокомесарот нагласи дека, сепак, приоритет во моментов е помошта за украинските бегалци.
Што се однесува на актуелната ситуација, тој посочи дека секој транспорт на стоки низ Украина кон Полска во моментов е „активност со голем ризик.
Д.Мишев