Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека не добил никакви позитивни впечатоци или сигнали на средбата со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Укринформ, повикувајќи се на австрискиот информативен сајт Куриер.
Нехамер рече дека имал „многу директен, отворен и тежок“ разговор за воените злосторства на Русија, особено во Буча и на други места, и за потребата да се изведат сторителите пред лицето на правдата. Сепак, реакцијата на Путин не покажа знаци на неговата подготвеност за соработка.
„Генерално, нема позитивни впечатоци и ветувачки изгледи. Путин масовно влезе во логиката на војната и постапува соодветно на своите сфаќања“, рече Нехамер.
Според него, лидерот на Кремљ рекол дека би било подобро војната (тој го употреби овој збор) наскоро да заврши. Во исто време, тој ги опиша ужасните злосторства во Буча како „инсценирање“, а реакцијата на Западот како недоверба.
Нехамер му рекол на Путин дека санкциите против Русија ќе останат во сила и ќе се интензивираат се додека луѓето умираат во Украина.
Тој, исто така, повика на итен прекин на непријателствата, обезбедување хуманитарни коридори за евакуација, вклучително и од Мариупол и другите опколени градови, како и пристап за МКЦК и други хуманитарни организации.
„Но, мојата најважна порака до Путин беше дека оваа војна мора конечно да заврши, бидејќи во војна има само губитници од двете страни“, рече тој.
Според канцеларот, неговата посета на Москва била поттикната од неговата „должност да постигне крај на непријателствата или барем хуманитарен напредок за погоденото цивилно население во Украина“.
„Ова не е пријателска посета. Само што дојдов од Украина и со свои очи го видов неизмерното страдање предизвикано од руската агресивна војна“, рече тој.
Нехамер е првиот шеф на влада на ЕУ примен од Путин по почетокот на руската целосна инвазија на Украина. Средбата траеше 75 минути. На барање на австриската страна немаше ниту новинари ниту традиционален брифинг. Според австриската страна, немало ракување.
На 9 април Нехамер беше во посета на Украина и се сретна со претседателот Володимир Зеленски.
Д.Мишев