Од почетокот на руската инвазија, речиси две третини од сите украински деца ги напуштија своите домови, а половина од децата кои останаа во земјата се изложени на ризик да немаат доволно храна, изјави директорот на УНИЦЕФ за итни програми, Мануел Фонтен, на состанокот на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, јави дописникот на Укринформ.
Според него, половина од проценетите 3,2 милиони деца кои остануваат во Украина се изложени на ризик да немаат доволно храна.
„Нападите врз инфраструктурата на водоводниот систем и прекините на струја оставија околу 1,4 милиони луѓе без пристап до вода во Украина. Други 4,6 милиони луѓе имаат само ограничен пристап“, рече Фонтен.
Тој нагласи дека ситуацијата во Мариупол и Керсон е уште полоша, децата и семејствата во овие градови со недели живеат без пристап до проточна вода, санитарии, редовна храна и медицински материјали. „Тие се кријат во домови и подруми, чекајќи крај на насилството и бомбардирањето“, рече Фонтен.
Претставникот на УНИЦЕФ рече дека ОН потврдиле дека најмалку 142 деца се убиени, а 229 се повредени во борбите.
„Знаеме дека овие бројки се веројатно многу повисоки – и многу од нив беа предизвикани од вкрстен оган или употреба на експлозивно оружје во населените области“, додаде тој.
Д.Мишев