• Latest
Добро утро со Орданоски

Што ли ќе прославува Путин на годинешнава Деветомајска парада?!

May 9, 2022

Зеленски од Анкара: Русија ја донесе војната во Украина, ние само се браниме – Европа мора да изгради силна заштита од балистички ракети

July 9, 2026

Ако не се подобриме ќе ни биде полошо

July 9, 2026
НАТО самит во Анкара, 7-8 јули 2026 (фото извор: НАТО)

НАТО по Анкара: Клучни поенти од Самитот кој ќе остане запаметен како почеток на нова ера за Алијансата

July 9, 2026
АЛТА БАНКА И покрај сета помош од државата има многу малку шалтери во Србија, но отсега во секоја полициска станица ќе може да прима клиенти!

Државата „жнее“ богати клиенти за Алта банка, омилена на Вучиќ

July 8, 2026

Продолжува рускиот терор врз цивилите: Харкив, Кијив, Запорижја и Чернигивската област под напад, Украина бара итна ПВО поддршка

July 8, 2026
Фото: МИА архива

Брисел и Софија со јасни позиции: Нема политички гаранции, уставните измени остануваат услов за напредок кон ЕУ

July 8, 2026
Илустрација: Синергија меѓу новинарската работа и вештачката интелигенција – под човечка, професионална и уредничка контрола.

Новинарскиот кодекс го препознава ризикот, но не и реалноста на вештачката интелигенција

July 8, 2026
Фотографија: НАТО

Самитот во Анкара: НАТО договори нови одбранбени инвестиции, Европа презема поголема безбедносна одговорност

July 8, 2026

ЗНМ: Нов Кодекс на новинарите – етичка рамка која одговара на дигиталната ера

July 8, 2026

СВЕТСКИ СКАНДАЛ: Авторитаризмот на Трамп и корупцијата во ФИФА поразени од пркосот на тимот од една мала европска држава

July 7, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

Што ли ќе прославува Путин на годинешнава Деветомајска парада?!

Во Киев годинава ќе нема воена парада за 9-ти Мај. Украинската „сенка“, пак, врз московската прослава на Денот на победата над фашизмот е таква што ја доведува во прашање самата смисла на руската прослава. 

May 9, 2022 07:58
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Прославата на 9-ти Мај, Денот на победата против фашизмот, отсекогаш била централната политичка масовка во календарот на руската домашна општествено-политичка агенда. Тоа одбележување на победоносната епопеја на руската Црвен армија и на рускиот народ и бројните други етнички заедници под „капата“ на рускиот отпор, кои во Втората светска војна дадоа 24 милионски жртви за да се сопре фашистичката амбиција на Хитлер и неговите сојузници да завладеат со светот, 76 години по ред се слави во многу руски градови.

Традиционалната грандиозна воена парада на Црвениот плоштад во Москва е настанот што привлекувал и големо меѓународно внимание. Делегации на високо и највисоко државно ниво од целиот свет на настанот му даваа глобално значење. Распоредот, пак, на кадровската комунистичка и пост-комунистичка номенклатура и странските гости на централната трибина на парадата, уште од времето на Советска Русија и Студената војна, била „мапата“ според која се „читало“ кој е кој во домашната и меѓународната политика, според „словото“ на Русија.

77 ГОДИНИ И 77 ДЕНА

Годинешново, 77-мо по ред издание на овој настан ќе биде како никогаш претходно. Русија е среде војна што самата ја предизвика, а според тоа како им се одвива „специјалната операција“ во Украина, во Москва нема што воено, а ни политички да се слави. Во само 77 дена, според конзервативните меѓународни проценки, Русите загубија повеќе од 20.000 свои војници, меѓу кои западните претпоставки велат дека се и 400 руски офицери од погорните рангови, вклучувајќи и 12 генерали. Руската воена техника е, буквално, десеткувана, со (многу) стотици уништени оклопни возила, тенкови, ракетни системи, воени авиони и други летала, а на руската црноморска флота ѝ се потопени толку бродови што само нивната штета се проценува на повеќе милијарди долари.

За каков воен дебакл станува збор говори и податокот дека, во тековните воено-политички пресметки во Москва помеѓу армиските и безбедносните структури за тоа кој е повеќе виновен за досегашниот неуспех на инвазијата врз Украина наводно се уапсени и се во процес на „распит“ дваесетина руски генерали.

ТАЖНА ПРОСЛАВА

Од друга страна, за само два месеци од почетокот на војната, од Русија (според официјалните руски податоци) се иселиле околу 5 милиони руски државјани. Штетите од меѓународните економски и финансиски санкции, пак, се бројат во стотици милијарди евра, со тенденција на понатамошен пораст, без датум за нивно сопирање во догледна иднина. Околу 70% од домашното индустриско производство на Русија зависи од странски – што ќе рече западни – технички и технолошки компоненти, чии испораки се сопрени. Во Русија веќе ни воената индустрија не може да ја исполни ургентната потреба за пополнување на големите загуби на фронтот.

Штетите и врз европската, а и меѓународната економија се грандиозни. Украина е, сепак, најголемата жртва и во човечка и во материјална смисла. Тоа таму сега не може точно ни да се пресмета, а последиците ќе траат со децении. Украинскиот отпор, пак, на руската инвазија е историска лекција за тоа како се сака и како се брани татковината во борба со многукратно воено посилен агресор. Да, со сесрдна воена и економска помош од Западот, но пред сѐ благодарејќи на тоа што го прават самите Украинци на фронтовите кои – и буквално! – го оставаат „срцето“ на теренот.

Во Киев годинава ќе нема воена парада за 9-ти Мај. Но, украинската „сенка“ врз московската прослава на Денот на победата над фашизмот е толку долга што ја доведува во прашање самата смисла на руската прослава. Според информациите од генералната проба, на годинешново воено дефиле во „блескавата“ и „победничка“ колона се претпоставува дека ќе учествуваат само 131 воено возило, што е неколкукратно помалку од кога се памети тој марш врз калдрмата на Црвениот плоштад.

Русите објавија дека на парадата годинава не се поканети странски делегации… Бидејќи се наоѓаат во најголемата меѓународна изолација – што директна, што „воздржана“ – во историјата на Русија од кога и да го сметате нејзиното модерно постоење, рускиот врв  веројатно не би сакал дополнително да се брука само со присуството на Лукашенко и неговите колеги од Еритреја, Сирија и Северна Кореја на „трибината за поддршка“.

Паметно. И тажно.

Слоганот на прославата е „Можеме повторно!“ – како што беше и во 2014, кога Русија го анектираше Крим – но, на сите им е јасно дека воено-конвенционалните граници на тоа „можеме“ се прилично исцрпени.

Патем, на денот на руската парада во Москва, американскиот претседател Џо Бајден се очекува да го потпише законот донесен едногласно во Конгресот на САД за новата воена помош за Украина тешка повеќе милијарди долари. Колку за симболика.

ПАРАЛЕЛНА РЕАЛНОСТ

Сепак, и во Русија и низ светот сите се во недоумица што ли ќе порача рускиот претседател Путин, главниот автор на оваа меѓународна воено-политичка и социо-економска хаварија во која ја доведе својата земја, во говорот на парадата во Москва?

Очекувањата и прогнозите се опречни. Едни велат дека е крајно време Путин и официјално да ѝ објави војна на Украина, па дури можеби и на НАТО (!), со што би ги довел потенцијалите на својата земја во полна воена кондиција, од прогласување општа воена мобилизација, до прогласување на специјални мерки за стриктна воена економија. На другата страна на овие предвидувања се проценките дека Путин, напротив, ќе прогласи победа на фронтот, исполнување на поставените политички цели за независност на регионот на Донбас и започнување преговори со украинската страна, во надеж дека и „исцрпениот“ Запад ќе го „притисне“ Зеленски да прифати некаква реалност на теренот, со што би се ставило крај барем на покрупните воени дејства.

А, потоа, може да следуваат и фејк избори или референдум во Доњецк, Луханск и Керсон, за Русија и официјално да ги припои во „руска сопственост“. Дали е тоа доволно за операцијата за „спасување на образот“ на Путин по катастрофата во која ја доведе сопствената земја?

Се разбира, само малкумина во врвот на руската политика можеби знаат кои се моментните намери на Путин. Впрочем, познато е дека и кога ја започна војната, за тоа, на пример, и „тековниот“ руски премиер Михаил Мишустин и гувернерката на Руската национална банка Елвира Набјулина, дознаа од телевизиските вести.

Во паралелната реалност што им ја нуди Путин на Русите тој ја „ослободува“ Украина од „нацистите“. Таа глупост не врви сосема како што треба ни во руската општа јавност – податоците се, имено, дека за последните два месеци во Русија се уапсени околу 15.000 антивоени демонстранти – но е доволно „леплива“ за ушите на повеќето од половината руски граѓани кои моментно му даваат поддршка на Путин за војната во Украина. Иако минатата недела тој мораше и официјално да му се извинува на израелскиот премиер заради глупоста со „еврејското потекло“ и на Хитлер што Лавров ја „откина“ во едно претходно интервју.

КЛИЕНТИТЕ РЕШАВААТ

Сепак, интервенцијата во Украина можеби има и една подлабока, иако тешко видлива логика за кородираното владеење на Путин. Милиони Руси припаѓаат на клиентелата од потентната, корумпирана „средна класа“ во тој режим – значи, не станува збор за оние стотина Руси со милијарди по оф-шор контата, туку оние со милиони украдени средства што им овозможува приватни училишта, дома и на Запад, за нивните деца; редовни одмори во Емиратите, Грција, Хрватска, Турција; добри автомобили; комфорни станови и поскромни викенд-дачи и сл. – не веруваат во никаква идеологија. Тие се само обични опортунисти кои добро живеат од руската варијанта на корумпираниот неолиберален капитализам.

Сега од нив Путин бара да се жртвуваат, со личен имот и лична посветеност, во градењето на сеопфатната националистичка антизападна идеологија, што ќе треба да го одржат режимот (со или без Путин на негово чело) барем за деценијата што доаѓа… Тие со нетрпение очекуваат да слушнат што ќе рече Путин во својот говор на 9-ти Мај, бидејќи од нивниот однос кон кажаното најмногу ќе зависи долговечноста на „новата политика“ на Русија не само кон Западот, туку и кон сегашната номенклатура на власт во Москва.

Дали се тие милиони Руси подготвени за продолжување на Путиновата домашна и надворешно-политичка, пост-воена авантура? Тоа веќе годинава ќе биде појасно. За тој евентуален расплет нема што друго да се прави, освен да причекаме.


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ