Едно лице загина, а уште пет се повредени кога Русите истрелале седум проектили врз Одеса, јужна Украина, објави Оперативната команда „Југ“ на Фејсбук, пренесува Укринформ.
„Рашистите повторно ја погодија Одеса со употреба на авиони. Седум проектили беа истрелани врз градот. Сепак, непријателските резерви на ракети очигледно се трошат бидејќи се користеа старите советски модели со неуспешно наведување, со оглед на нивната старост. Во потрага по стратешки објекти, застарените проектили успеаја да погодат во „исклучително опасен“ трговски центар и магацин на готови производи за широка потрошувачка“, објави Оперативната команда „Југ“ на Фејсбук.
Во нападот на непријателот едно лице загина, а петмина повредени се пренесени во болница. Продолжува гаснењето на пожарот.
Како што беше соопштено, попладнето на 9 мај, три руски ракети Кинжал беа истрелани од руски стратешки авион Ту-22 во областа Одеса, при што беа повредени две лица и уништени пет згради на туристичка инфраструктура.
Подготви: Д.Мишев