ВЕСТ НА ДЕНОТ
МПЦ -ОА и СПЦ со заедничка литургија на помирување
Во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград изутринава почна архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето, со која сослужуваат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, јави дописникот на МИА од Белград.
Литургијата се одржува, откако вчера Синодот на МПЦ-ОА ја прифати поканата на СПЦ за одржување литургија на помирување.
На заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ и на владици од двете цркви во храмот „Свети Сава“ во Белград, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) почна да ги евидентира украинските војници, вклучително и повредените, кои се евакуираат од челичарницата Азовстал во Мариупол, пренесува Укринформ.
*
Повеќе од 900 украински борци од челичарницата Азовстал во Мариупол се одведени во казнена колонија на територијата контролирана од Русија, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Таа додаде дека на 17 мај се предале 959 припадници на украинската армија, од кои 51 се на лекување, додека другите се испратени во поранешната казнена колонија во градот Оленивка, во областа Доњецк, што е под контрола на Русија.
*
НАТО не очекува значителни придобивки за ниту една страна од бојното поле во Украина во наредните недели, изјави воен претставник на Алијансата со познавање на разузнавањето, кој разговарал со Си-Ен-Ен во средата, пренесува Укринформ.
*
Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ), на својата веб-страница објави дека собрале докази за егзекуциите и тортурата на Украинците за време на руската окупација во регионите Киев и Чернихив.
„Руските сили кои контролираа голем дел од регионите на Киев и Чернихив во североисточна Украина од крајот на февруари до март 2022 година, ги подложија цивилите на брзи егзекуции, тортура и други тешки злоупотреби кои се очигледни воени злосторства“, соопшти ХРВ.
ИЗЈАВИ
Па, во пропагандата на нацистичка Германија имаше таков термин „wunderwaffe“. Чудо оружје. Колку што стануваше појасно дека немаат шанса во војната, толку повеќе имаше пропаганда за чудесното оружје, кое ќе биде толку моќно што ќе даде пресврт во војната, рече Зеленски. И тука гледаме дека во третиот месец од војната со полно размери, Русија се обидува да го најде својот „вундервафе“. Наводно ласер. Сето ова јасно укажува на целосен неуспех на инвазијата.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ одржа панел дискусијата од серијалот „Зад димната завеса“, на тема „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
На панелот учествуваат комуникологот Бојан Кордалов и новинарката Јасмина Миронски. Модератор на дискусијата е Зоран Иванов.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОЦЕНКА Европските парламентарци попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани, јави дописничката на МИА од Брисел.
Извештајот го поздравува реформскиот напредок на земјата и инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.
ДОБРОСОСЕДСТВО Покажавме дека знаеме да градиме мостови со соседите и да подадеме рака. Денес, Владата на Бугарија и претседателот Румен Радев, имаат историска можност да подадат рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Очекуваме да го отстранат несогласувањето со Преговарачката рамка, ослободена од сите билатерални товари, за да може да ја одржиме правата меѓувладина конференција и со тоа да започне процесот на пристапни преговори, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на панел дискусијата „Демократијата во Европа – 30 години по Мастришкиот договор: Нови прашања за европската иднината и дилемите поврзани со проширувањето“
ЕКОНОМИЈА Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на настанот по повод официјалното пуштање во работа на две нови инвестиции на Групацијата НИКОБ – ПЗУ НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб.
Премиерот Ковачевски овие инвестиции ги оцени како значајни затоа што се остваруваат во услови на сегашната економско-енергетска криза, а значат раст на бројот на работни места.
РЕФОРМИ Уште една потврда за амбициозните реформи во полицијата во изминатиов период, но и успешната заедничка соработка на земјата како кредибилен партнер на Интерпол пристигна денеска од Лион, Франција, каде што заврши 49. Конференција на Интерпол за Европскиот регион, соопштува Министерството за внатрешни работи.
ВЕТО Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган за државната телевизија ТРТ истакна дека и понатаму е против членство на Финска и на Шведска во НАТО, пренесува МИА.свет
„Им кажавме на лидерите на НАТО дека ќе кажеме не на апликациите на Финска и на Шведска. И тоа продолжува да биде наш став“, посочи Ердоган.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За добробитта на децата се одговорни како властите на национално и локално ниво, така и сите партии, родителите, медиумите и граѓанските организации. Без оглед на политичката ориентација и позиција!
Иднината на општеството и државата се крои сега, преку децата. Каква сакаме да бидеме иднината зависи од тоа што ќе направиме сега, денес.
Срамота и гревота е што им се прави на децата. И на иднината“, пишува Џабир Дерала во денешниот едиторијал „Срамота и гревота е што им се прави на децата“.












