Екстремистите убија телевизиски новинар и еден полицаец, додека индиските безбедносни сили убија шест милитанти во Кашмир во изминатите 24 часа, соопштија денеска локалните власти, пренесува МИА.
Судот во Њу Делхи вчера го осуди сепаратистичкиот лидер на Кашмир, Јасин Малик, на доживотен затвор поради финансирање „терористички“ активности и други злосторства.
Продавниците и фирмите во Кашмир останаа затворени втор ден по ред поради протестите поради пресудата, додека полицијата приведе 10 лица бидејќи фрлале камења и извикувале разни пароли пред домот на Малик.
Индија и Пакистан држат делови од Кашмир и ја сметаат територијата за своја.
Претежно хинду Индија се бори со вооружено востание во својот дел од регионот од доцните 1980-ти.
– По тројца милитанти на организациите Џаиш-е-Мохамед и Лашкар-е-Таиба се убиени од вчера во два одвоени оружени судири во Кашмир, изјави началникот на полицијата во Кашмир, Виџај Кумар.
Кумар истакна дека милитантите синоќа го убиле и 35-годишниот ТВ водител Амрин Бат.
Тој додаде дека во судирите полицијата загубила еден од своите припадници.