Денеска навршуваат 100 дена откако Русија започна инвазија од големи размери во Украина, објави Украинската амбасада.
„Нашиот народ не го брани само своето право на постоење и независна држава, туку и безбедноста на Европа и на целиот демократски свет. Секојдневно нашите бранители, по цена на сопствениот живот, ѝ даваат решителен отпор на воената машина на РФ и се борат за слобода и мирна иднина за целиот континент“ – се вели во објавата на Амбасадата.
Неопходно е запирање на злосторствата и уништувањето, а за тоа е потребна понатамошна доследна поддршка за земјата.
„За да се запрат злосторствата врз украинскиот народ, уништувањето на нашата економија и уценувањето на целиот свет со глад, мора да продолжи доследната поддршка за Украина. Помош на нашата држава денес е најдобрата инвестиција во мирот и одржливиот развој на целото човештво“ – нагласуваат од Украинската амбасада.
Воедно, неопходно е Кремљ да се соочи со одговорност за уништувањето и убивањето во независна и суверена Украина. Од Амбасадата најавуваат зголемување на притисокот со санкции.
„Сè додека Кремљ не ја заврши војната што ја започна и не биде соодветно казнет за своите злосторства, вклучително и во вид на компензација за нанесеното уништување и казнување на воените злосторници, санкциониот притисок само ќе се зголемува“ – се заклучува во објавата.
ПРИЛОГ: Воените злосторства започнаа уште во првите часови од руската инвазија против Украина
Воените злосторства на руската армија во Украина беа евидентни веќе од првите часови на целосната инвазија која започна во 4 часот наутро на 24 февруари. Целта на руската инвазија беше да се окупира целата земја, да се убие претседателот Володимир Зеленски и да се воспостави сателитска власт во земјата која ќе покаже слепа послушност кон Кремљ. Украинскиот народ не го дозволи тоа.
Во прилог се фотографии од воените злосторства откриени во раната фаза од инвазијата. Предупредување: фотографиите се крајно вознемирувачки.