ВЕСТ НА ДЕНОТ:
Средба Ковачевски-Мишел: Силна поддршка за исполнување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
На средбата, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Шарл Мишел потенцираа дека европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по одобрување на истиот. Предлогот, истакнаа премиерот Ковачевски и претседателот Шарл Мишел, предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ.
На средбата од страна на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел уште еднаш беше потенцирана поддршката и заложбата на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија, посочувајќи дека ова се клучни моменти за напредокот на нашата држава од економски, политички и социолошки аспект.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека поддршката на Европската Унија во процесот на интеграција на Северна Македонија, е од особено значење за државата во исполнувањето на основата стратешка цел, а тоа полноправното членство во ЕУ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Македонци, имате историска можност да кажете да, на почетокот на преговорите, да на ЕУ, да за нашите деца. Вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето“, изјави Шарл Мишел.
„Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Македонскиот јазик во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти. Го добивме она за што со години се бориме – чиста формулација на македонскиот јазик. Ние Македонците сме горди на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти. Македонскиот народ никој никогаш нема да го асимилира и тоа е факт“, рече Димитар Ковачевски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Oбновата на Украина не е само за тоа што треба да се направи по победата, туку и за тоа што треба да правиме сега заедно со партнерите, истакна Володимир Зеленски.
*
Украинското Министерство за внатрешни работи предупредува на руски диверзанти и соработници. Тие тврдат дека повеќе од 800 од нив се уапсени од почетокот на руската инвазија на Украина.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНЦИДЕНТИ Четири полицајци се повредени, скршен прозорец на Владата, уништена заштитна ограда. Ова се штетите од вчерашниот протест кои МВР ги регистрираше во денешниот билтен.
ПРОТЕСТИ Антиевропски протести во Скопје, денеска повторно повици за насилство
ИНТЕГРАЦИИ „Нашата цел во овој процес беше да го заштитиме статусот на македонскиот јазик во рамките на Европската Унија, а не беше да ја убедиме Бугарија да го промени својот став. Целта беше да нема влијание тој став на ставот на Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ на вчерашниот брифинг со уредници на Националната радио телевизија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во синоќешното гостување на Националната телевизија, истакна дека францускиот предлог и протоколот се два неповрзани процеси.
ПОЛИТИКА Со прифаќањето на францускиот предлог ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на Северна Македонија, е истакната на средбата меѓу Пендаровски и Мишел.
ПРАВДА Лидерот на Родина Македонија, Владимир Трајковски вчера за време на протестите пред Владата на Република Северна Македонија го запали и газеше знамето на Европската Унија.
Дали Основното јавно обвинителство според Член 8 и Член 181 од Кривичниот законик ќе покрене кривична пријава против лидерот на Родина, Владимир Трајковски за намерно палење на знамето на ЕУ.
СЛОБОДНА ЗОНА
Така некако звучат изјавите на помалите коалициони партнери во власта, кои во совршен популистички и анти-либерален манир се “загрижени” за идентитетот и историјата. Од оние од кои теоретски треба да се очекува најпрогресивен став, затоа што праксата никогаш и не ја следела теоријата кај нас, има само “сакам да кажам, ама не знам да речам” или наједноставната метафора “седење на две столици”, пишува Никица Корубин во колумната „Купување време…“.
Д. Муратов