На иницијатива на сопругата на претседателот на Украина Олена Зеленска, на 23 јули ( сабота), со почеток во 15:30 часот, ќе се одржи вториот Самит на првите дами и господа посветен на повоената обнова на земјата. Настанот е планиран во формат на телемост меѓу различни земји во светот: Украина, Полска, Белгија, Велика Британија и САД.
Самитот е дизајниран уште еднаш да го привлече вниманието на светот кон војната што се одвива веќе петти месец во центарот на Европа. Главната тема на овогодинешниот настан ќе биде човекот. На крајот на краиштата, токму зачувувањето и обновувањето на човечкиот капитал е клучот за успешното закрепнување на земјата.
Во исто време, Самитот не е само за Украина. Станува збор за секоја земја во светот која веќе го почувствувала или може да го почувствува влијанието на војната и другите глобални кризи.
На настанот ќе учествуваат три категории гости: Првите дами и господа од различни земји во светот; претставници на меѓународни организации (СЗО, УНИЦЕФ, УНЕСКО итн.) и познати личности – пејачи, актери, режисери, претставници од други области, од кои секоја има што да му каже на светот.
Меѓу учесниците на Самитот ќе биде и македонската Прва дама, Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот Стево Пендаровски, дознава Цивил Медиа од извори во Кабинетот на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Д. Мишев