Украина е подготвена за испорака на жито и чека сигнали од партнерите за почеток, се вели во објава на Фејсбук на претседателот Володимир Зеленски, пренесува Укринформ.
„Подготвени сме да извезуваме украинско жито. Очекуваме сигнали од нашите партнери за започнување со пратките. За нас е важно да останеме гарант за глобалната безбедност на храната. Додека некој одзема животи во други земји блокирајќи го Црното Море, ние им овозможуваме да преживеат“, рече Зеленски.
Според Кабинетот на претседателот, Зеленски го посети црноморското пристаниште Чорноморск.
„Нашата страна е целосно подготвена. Ги испративме сите сигнали до нашите партнери – ОН и Турција, а нашата војска ја гарантира безбедносната состојба. Министерот за инфраструктура е во директен контакт со турската страна и ОН, чекаме сигнал од нив дека можеме да започнеме“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека деблокирањето на извозот на украинското жито ќе овозможи да се избегне недостиг на храна, како и глад и политички хаос во земјите на кои им се потребни прехранбени производи.
Заедно со Зеленски пристаништето Чорноморск го посетија и претставници на дипломатскиот кор акредитиран во Украина. Меѓу нив беа амбасадорката на Соединетите Американски Држави Бриџит Бринк, амбасадорката на Велика Британија Мелинда Симонс, амбасадорот на Италија Пјер Франческо Зазо, амбасадорката на Канада Лариса Галаџа, амбасадорката на Сојузна Република Германија Анка Фелдхузен, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ Реми Дуфлот, координатор на системот на ОН Оснат Лубрани.
Како што е соопштено, на 27 јули во Истанбул беше отворен Заедничкиот координативен центар задолжен за контрола на извозот на украинската пченица преку Црното Море.
Подготви: Д.Мишев