Во екот на руската агресија кон Украина, една од задачите што НАТО треба да ја исполни е да го поддржи Киев во оваа војна, што ја започна Русија, изјави генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој се обрати на настан во Утоја, Норвешка, пренесува Укринформ.
„Во овој конфликт НАТО има две задачи. Поддршка на Украина. И спречување конфликтот да се прошири во војна меѓу НАТО и Русија“, рече Столтенберг.
Генералниот секретар рече дека НАТО ја поддржува Украина во нивното право на самоодбрана, додавајќи дека ова право е „утврдено во меѓународното право“.
„Украинскиот народ покажа голема храброст во текот на војната“, истакна Столтенберг. НАТО има „морална одговорност“ да ја поддржи Украина.
„Тие се независна земја, со над 40 милиони луѓе, кои неоправдано се предмет на брутална агресивна војна. Гледаме дејствија на војна, напади врз цивили и уништување што не се видени од Втората светска војна. Не можеме да бидеме рамнодушни кон ова“, нагласи првиот човек на НАТО.
Тој додаде дека цената што Западот ја плаќа за последиците од руската агресија кон Украина е неспоредливо помала од онаа што Украина ја плаќа секој ден.
„Ние плаќаме цена за нашата поддршка за Украина. За воената, хуманитарната и финансиската поддршка. За санкциите, кои резултираа со зголемена инфлација и повисоки цени во нашите земји. Но запомнете – цената што ја плаќаме може да се мери во пари. Цената што ја плаќа Украина се мери со човечки животи. Стотици убиени или ранети секој ден“, рече Столтенберг.
Како што претходно објави Укринформ, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во телефонски разговор со Јенс Столтенберг зборувал за потребата да и се достави на Украина што е можно поскоро повеќе тешко вооружување за ефикасно да се одбие руските напади и да се премине во контраофанзива.
Подготви: Д.Мишев