Со референдумот или над него
ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусија „„Зад димната завеса: Со референдумот или на него“, на кој учесници беа политикологот Сотир Костов, новинарот Столе Наумов и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во модерација од аналитичарот Зоран Иванов.
Учесниците дискутираа за различните аспекти од најновата иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, за задолжителен референдум, со кој се бара „напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
„Мислам дека мотивите за покренување на оваа иницијатива и она што навистина претставуваа оваа инцијатива се две различни работи. Мислам дека мотивите се чисто политички, ограничени во атарот на интересите на политичката партија, односно интересите на оние што се на врвот на таа политичка парија, односно на ВМРО-ДПМНЕ, посочи меѓу другото Џабир Дерала.
Дерала посочи дека ЦИВИЛ е меѓу првите кои ја отвораат јавно оваа тема.
„Без оглед на тоа кој колку се согласува со контекстите, со приликите, тоа сепак е тема која е многу важна и затоа сметам дека час поскоро треба да се започне дебатата и мислам дека сме првите, ако не и први кои ја отвораат оваа серија панел дискусии, со видни имиња од повеќе различни категории. Во ова студио, на оваа тема ќе бидат поканети и добредојдени политички претставнички и претставници, интелектуалци експерти, правници, новинари“, изјави Дерала.
Политикологот Сотир Костов смета дека Договорот е веќе „лански снег“ и дека со референдумското прашање се влегува во правна кал.
„Јас не би одел веднаш на референдумското прашање. Не би дозволил ниту крив ни должен да влегувам во едно правно блато. Прво би рекол – дали ни е потребен референдум за оваа работа која веќе е „лански снег“. 2017 година овој Договор се потпиша. Овој договор направи поделба по вертикала и по хоризонтала во нашето општество, вели Костов.
Новинарот Столе Наумов посочи на неколку референдуми на локално ниво во минатото.
„Референдумот треба да биде израз на врв на демократија. Но забораваме дека на локално ниво имаше неколку референдуми. Имаше во струмичко за рудниците, имаше во Центар и мене ми се помили тие референдуми, каде се применува директната демократија. Мислам дека секојдневниот живот е побитен од сите овие прикаски што ни се вртат веќе 30 години и од кои што не можеме да се ослободиме“, вели Наумов.
Целата панел дискусија може да ја проследите на следниот линк:
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Воената инвазија врз Украина од страна на Русија, и огромниот наплив на дезинформации околу истата, ни покажа дека комуникациите може да имаат сериозно раздорно влијание и против таквото влијание мора да се бориме. Точно е дека Украина во овој момент одлично се справува со информациската војна, за што од сите нас имаат поддршка, но токму таа информациска војна ни покажува колкава е улогата на комуникациите во стабилноста на една земја и еден регион, посочи премиерот Димитар Ковачевски на обраќањето на НАТО конференција за комуникатори што се одржи во Скопје.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СМЕТКИ Августовските сметки на БЕГ се сторнирани, граѓаните ќе добијат нови, уверува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.
НАТО Денеска во Националната филхармонија во Скопје е отворена НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.
8 СЕПТЕМВРИ По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија во организација на Владата на Република Северна Македонија, под мотото: „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава, информираат од Генералниот секретаријат на Владата.
ОТВОРЕН БАЛКАН Денеска Струмица ќе биде домаќин на регионалниот Фестивал на храна и вино, во рамките на иницијативата Отворен Балкан. По успешната реализација на првиот Меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, кој од 1-4 септември се одржа во Белград, во Струмица продолжува промоцијата на најдобрите вина и највкусната автентична храна од земјава.
ПЕНДАРОВСКИ-ЧАПУТОВА: Земјите-членки на ЕУ да го следат принципиелниот однос на Словачка во поддршката на македонските евроинтеграции, се заклучоците од заедничката прес конференција.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Вкупно 803 цивили се убиени, а 2.023 се повредени во регионот на Доњецк од целосната инвазија.
Регионалниот гувернер истакна дека во моментов е невозможно да се утврди точниот број на жртви во Мариупол и Волноваха.
*
Русија нема право да ја користи нуклеарната централа Запорижја во својата валкана војна и мора да ја запре својата агресија и да ги повлече своите трупи од Украина, изјави амбасадорот во Обединетите нации Џефри ДеЛаурентис, кој зборуваше на состанокот на Советот за безбедност на ОН, јавува дописникот на Укринформ.
*
Главната уредничка на The New Times, Евгенија Албатс, ја напушти Русија поради задушувањето на независните медиуми во таа земја. Албатс во видео обраќање на нејзиниот канал на Јутјуб рече дека сега ќе предава на Универзитетот во Њујорк во САД.
*
Рускиот олигарх, дисидентот во егзил Михаил Ходорковски, ги повика Русите кои сè уште живеат во земјата да покренат бран „саботажи” против руските државни структури, со цел да се запре војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина и да се дестабилизира неговата власт.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Талент! Не знам кој го советувал или ова е негова замисла, но самата иницијатива за референдум и, уште повеќе, референдумското прашање се уште една шајка во политичкиот ковчег на Мицкоски и тие околу него. Во било кои други околности, во било кое друго општество со малку поразвиена политичка и медиумска култура, ниту Мицкоски, ниту неговата партија не би го преживеале овој тежок политички гаф (најблаго кажано).“, пишува Џабир Дерала во „Мицкоски ја закова последната шајка во… сопствениот политички ковчег“.
„Аџијава“ наш се пишмани и за „Преспанскиот договор“ и ветувањето дека ќе го поништи и ќе го врати назад името. „Никогаш Северна“, нели? Сега не го ни споменува во референдумско прашање, а во меѓувреме, по потреба, на државата и го менува името, еднаш ја нарекува „Република Македонија“, за пред домашната „патриотска“ јавност (што ќе каже пред своите гласачи), а почесто „Република Северна Македонија“, пред странските партнери и кога треба да се земе пари од буџетот на државата на која за свои лукративни цели ѝ го менува името.“, прочитајте во ставот од Драган Мишев „Пишман аџија“.
Д. Тахири