ВЕСТ НА ДЕНОТ
Град Скопје по три дена конечно додели шест милиони денари за Туркије и Сирија
Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница конечно по три дена одлучи да додели парична помош во вкупен износ од шест милиони денари за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Туркије и Сирија, односно по три милиони денари за двете земји.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на денешната седница посочи дека паричната помош ќе се реализира преку уплата на средствата на Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, на денот кога се случи земјотресот изрази само сочувство за настраданите од земјотресот во Туркије и Сирија, и истакна дека е испратено барање до градскиот совет на следната седница да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите. Но, тоа се случи сега по три дена.
Арсовска како помош испрати само пет пожарникари во Турција, кој ја сочинуваат противпожарна бригада на Град Скопје.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Експерти за дезинформации ќе бидат распоредени во канцелариите на Европската унија ширум светот за да се спротивстават на лажните наративи што ги шират малигните актери, вклучувајќи ги Русија и Кина, изјави во вторникот највисокиот дипломат на унијата, Жосеп Борел. Според него за Русија дезинформациите се клучен инструмент во војната и таа вложува огромни средства кои ги надминаа инвестициите на ЕУ во оваа област.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БЕЗБЕДНОСТ Закани за поставени бомби попладнево се пристигнати на електронските адреси на 12 средни училишта, неколку трговски центри, МРТВ и Транспортниот центар.
„Денеска (08.02.2023) околу 13.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 12 средни училишта, како и на МРТВ, Транспортен центар, ГТЦ, Џевахир Сити, ТЦ Ист Гејт, ТЦ Сити Мол е упатена закана за поставена експлозивна направа“, информира Министерството за внатрешни работи.
ПРЕГОВОРИ Постигнат е договор за влез на Алијансата за Албанците во владината коалиција, согласно кој партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третиот место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација, дознава МИА од извори во АА. Според извори, пак, од СДСМ, разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно, но штом има нешто во интерес на јавноста партијата ќе информира официјално.
ИНТЕГРАЦИИ Треба да се остава што помалку простор на провокации чија единствена цел е нарушување на добрососедските односи. Северна Македонија во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокации. Време е Република Бугарија да го прекине циуклусот на негативни односи што не е во интерес ниту на двете држави. Ова се пораките што вчера ги упатија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
РЕВОЛТ Арсовска ги смрзна скопјани и до еден час чекаат автобус на студот. Веќе четврт месец скопјани имаат проблем со јавниот превоз кој е во тотален хаос бидејќи нема доволно автобуси, а и тие кои сообраќаат низ градот се неисправни.
ТРАГЕДИЈА Бројот на загинати во големиот земјотрес што ги погоди Туркије и Сирија се искачи над 11.200. Официјални лица и медицински лица соопштија дека 8.574 луѓе загинале во Туркије и 2.662 во Сирија од потресот од понеделникот од 7,8 степени според Рихтер, со што вкупниот број достигна 11.236.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руските затвореници, на кои им се закануваат нови кривични пријави се принудени да се приклучат во редовите на Вагнер групата. Регрутирањето е во тек и во некои руски истражни центри, објави Телеграм каналот Agentstvo.Novosti од извори од двајца адвокати и еден бранител на правата, пренесува Укринформ.
*
Откако Русија ги повлече своите сили од западниот брег на Днипро во ноември 2022 година, борбите и извидувањето продолжија на комплексната мрежа на острови и водни патишта што ја сочинуваат делтата на Днипро, соопшти британското Министерство за одбрана во последното известување за ситуацијата во Украина, пренесува Укринформ.
„Многу е малку веројатно Русија да се обиде да нападне преку Днипро: тоа веројатно би било исклучително сложено и скапо“, се вели во извештајот.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Ајде да ја завршиме работата!“ – повика Бајден повеќе пати во текот на своето обраќање до нацијата. Тој го често го користи изразот „Ајде да ја завршиме работата!“ во изминатиот период, за да поттикне на единство, но и да ги успокои, како своите политички противници, така и целата американска јавност, дека тешките одлуки и големите проекти и реформи се насочени кон сигурноста и просперитетот на државата и добробитта на сите, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Обединувачко и инспиративно обраќање на Бајден до нацијата: „Ајде да ја завршиме работата“
„Ако дозволиш славата да те понесе, ако се соживееш со неа, ниско си паднал. Секоја трагедија е трауматичен упад во Реалното што го растура симболичкиот оквир. Многу страшни трагедии видовме последниве години: корона, војната во Украина, а сега и страшниот земјотрес во Турција. Христ стигнува предоцна за живите, човечката правда стигнува предоцна за мртвите. И едното и другото како да ни се лизга од рацете, протекува низ прстите, испарува во бесконечноста.
Ако веќе не постои ништо друго реално освен раните и страдањето, тогаш тие нека бидат сврзно ткиво за братството меѓу луѓето на овие две земји: Северна Македонија и Турција“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „Ако навистина сме луѓе, туѓото страдање нè обврзува повеќе од сопственото“.
Д. Муратов












