Министерството за внатрешни работи во рамки на своите надлежности, во координација со другите институции, постојано презема мерки за безбедност на училиштата. Што се однесува до делот на превенцијата, преку Одделенијата и отсеците за превенција подолг период се спроведуваат превентивни проекти кои се спроведуваат во основните и средните училишта преку кои непосредно се допира до проблемите меѓу младите и се работи на рано детектирање како и превенција на истите, велат од МВР за ЦИВИЛ.
– На кој начин МВР реагира на трагичните инциденти во Србија?
– Дали институциите преземаат превентивни мерки за да не се случат инциденти со масовно пукање и убиства и во нашата земја?
– Статистики
Од МВР велат дека континуирано спроведуваат акциски контроли за подигнување на безбедноста на учениците. Се вршат контроли на возила од јавниот превоз во кој се превезуваат ученици, се вршат прегледи на средношколците пред влегување во училиштата, угостителски објекти и објекти во непосредна близина на училишта каде се организираат игри на среќа.
„Во државата регистрирани се околу 180 000 парчиња на оружје, а согласно законските одредби предвидено е во една дозвола за оружје да се регистрираат најмногу 10 парчиња на оружје. Во текот на 2021 година издадени се вкупно 5.719 дозволи за оружје за физизчки лица, во текот на 2022 година се издадени 5.969 дозволи за оружје, а во текот на 2023 година се издадени 2.125 дозволи за оружје. Меѓутоа, во овој број на дозволи не влегуваат само новорегистрираните парчиња на оружје, туку и пререгистрираното оружје.
Во текот на 2021 година издадени се 3.365 одобренија за набавување на оружје, во текот на 2022 година издадени се 2.480 одобренија за набавување на оружје, а додека од почетокот на 2023 година до денес се донесени 1.697 одобренија за набавување на оружје, велат од МВР.
Од МВР велат дека се уште е во тек постапката за пререгистрација на оружјето од стари во нови дозволи, која треба да заврши заклучно со 04.06.2023 година и по истекот на овој рок, односно по извршената замена на старите дозволи ќе имаат поконкретни податоци за вкупно регистрираното оружје на територијата на нашата држава.
Согласно одредбите од Законот за оружјето, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава со наполнето 18 години живот, по исклучок одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање ако физичкото лице има наполнето 25 години, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години.
„Во текот на 2022 година откриени се вкупно 199 кривични дела, од кои 198 се „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, и едно кривично дело „фалсификување на огнено оружје“, при што мерки на кривичен прогон се преземени против 210 сторители. Во рамки на откриените дела запленети се 139 парчиња оружје, од кои четири автоматски пушки, три полуавтоматски пушки, два автомати, 73 пиштоли, два револвери, четири малокалибарски пушки, рачно изработена пушка, 34 ловни пушки, осум ловни карабини, четири воздушни пушки, рачен ракетен фрлач и три рачни бомби. Покрај ова, запленети се и 4.781 куршум, седум проектили, пет парчиња експлозив, 583,4 грама барут, шест детонаторски каписли, четири метри споро горечки фитил, 85.870 петарди, 541 пиротехнички ракети, 228 огномети, два придушувачи, 38 рамки и девет делови за оружје, велат од МВР.
Во периодот од 01 јануари, заклучно со 20 април 2023 година, во областа за недозволена трговија со оружје откриени се 49 кривични дела, за што кривично пријавени се 53 сторители. Во рамки на откриените кривични дела запленети се 28 парчиња оружје, 1.838 парчиња муниција, 5.527 петарди, две парчиња топовски удар, 19 рамки, 11 делови за оружје и неутврдена количина на огномети.
Во овој период посебно карактеристични се по една реализација на СВР Скопје и СВР Тетово, каде има откриено по шест, односно пет парчиња оружје и значителен број на муниција, при што во двата случаи заедно запленети се 11 парчиња оружје, од кои две се автоматски пушки, осум пиштоли и една ловна пушка, како и 562 парчиња муниција и разни делови од оружје.












