Британската полиција соопшти дека три лица се пронајдени мртви во англискиот град Нотингем, а еден маж е уапсен под сомнеж за убиство, откако се обидел да прегази уште три лица со комбе, објави Скај њуз.
Полицијата соопшти дека две лица биле пронајдени мртви на улица во центарот на градот нешто по 4 часот наутро, пред полицајците да бидат известени за друг инцидент во близина на градот каде комбе се обидело да прегази три лица. Тие се префрлени на болничко лекување.
Уште еден маж бил пронајден мртов на друга улица надвор од центарот на градот.
„Ова е страшен и трагичен инцидент кој ги однесе животите на три лица“, изјави шефицата на полицијата Кејт Мејнел.
Неколку патишта се затворени, а локалната трамвајска мрежа е затворена во Нотингем додека полицијата го решава инцидентот.
Универзитетот во Нотингем соопшти дека двајца од тројцата убиени во нападите биле нивни студенти.
Во соопштението на Универзитетот се наведува: „Со голема тага ја потврдуваме ненадејната и неочекувана смрт на двајца наши студенти по големиот инцидент во центарот на Нотингем во текот на ноќта. Шокирани сме од веста и нашите мисли се со настраданите, нивните семејства и пријатели. Знаеме дека ова веројатно ќе предизвика вознемиреност за персоналот и студентите во нашата заедница“.
Британската полиција соопшти дека се уште го утврдува мотивот за нападот во кој маж денеска прегази неколку луќе во англискиот град Нотингем, при што уби тројца, а рани уште три лица. Детективите се обидуваат да откријат што го мотивирало напаѓачот да изврши такво злосторство нешто пред 4 часот наутро.
Оттаму додаваат дека на случајот работи и антитерористичката служба, појаснувајќи дека тоа е вообичаена процедура. Под сомнеж за убиство е уапсен 31-годишен маж, а детективите нагласиле дека не трагаат по никој друг во врска со нападите.
Значително полициско присуство, вклучително и неколку возила, останува на Бентинк Роуд, местото на апсењето на осомничениот. Полициски кордон го ограничува пристапот до крстосниците на Ноел Сент и Софи Роуд, а голем број полицајци ја обезбедуваат областа.
Од трите лица кои се наоѓаат в болница откако комбето се обидело да ги прегази, еден маж е во критична состојба, додека двајца се претпоставува дека се здобиле со полесни повреди.
„Безбедно е да се влезе во центарот на градот, но има голем број улици кои ќе останат затворени, вклучително и Илкестон Роуд, Магдала Роуд, улицата Милтон и улицата Мејпл, за да можат полицајците да соберат докази за расветлување на случајот“, истакна Мејнел.
Г. Т.