Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за ТВ24 рече дека продолжува силното темпо на модернизација на Армијата поддржано со значајни инвестиции.
– При процесот на модернизација на Армијата многу се важни два сегмента: прво е важно да имате стабилен план кој е одржлив и може да биде реализиран и второ да имате соодветно финансирање, односно буџетирање. Во случајот со одбраната тоа е факт, рече Петровска.
Таа додаде дека стратешките документи, каде се точно наведени плановите за тоа кој сегмент на Армијата, како ќе се развива со конкретно дадени рокови веќе постојат и согласно планираното се исполнуваат, а за тоа има и соодветно буџетирање, што недостасувало пред 2018 година.
– Постои една сериозна дупка од десетина години кога во одбраната се немало големи инвестиции, што не е случај од 2018 година наваму. Порастот во буџетот секоја година за одредена стапка, нè доведе до тоа да сега оваа година имаме 1,85 отсто од БДП, средства кои се доделени на Министерството за одбрана и Армијата со намера согласно плановите следната година тој процент да постигне 2 отсто, рече Петровска.
Министерката истакна дека пристигнати се вкупно 32 JLTV лесни оклопни возила, а согласно планот „Страјкерите“ треба да стигнат во текот на 2024 година, а информираше и за тековните набавки на други видови опрема.
Извор: МИА
Фото: Цивил












